Автор: Слаѓана Вујошевиќ
Од неодамна, заедно со актерот и едукатор Никола Настоски, режисерот и продуцент Гоце Цветановски, Катерина Динева која доаѓа од областа на медиуми и комуникација и Зоран Ристиќ - експерт за интернет-технологија и мултимедија, ја основавме „Ветра арт“. Ветра е невладина организација која има цел да прерасне во интернационална платформа за вмрежување на креативни уметници и посветени едукатори од целиот свет.
Интернационалната работилница „Истражување на техниката Михаил Чехов: Будење на креативното јас!“ е всушност првиот официјален проект на „Ветра“. Ова беше и иницијален момент на тимот на „Ветра“ да му се придружи првиот странски член, Летиција Скотини, позната актерка и професорка од Монтевидео, Уругвај.
Летиција Скотини е актерка, режисерка, авторка, професор по актерска игра, сценски движења и актерски техники. Таа е академски директор на Escuela del Actor и уметнички директор на Telón Rojo Theatre во Монтевидео, Уругвај. Покрај формалното образование во Escuela del Actor, Dramatic Art in Paris and Ecole Claude Matthieu, има посетено предавања на многу универзитети низ светот (Guilford, Harvard - Moscow Art Theater, NYU, Juilliard, Yalе..).
Скотини има соработувано со режисерите Давид Хамонд (David Hammond), Скот Иллингворт (Scott Illingworth), Габриел Каме (Gabriel Chamé -Cirque du Soleil) и многу други, а има и реализирано визитинг-предавања во повеќе академии низ светот. Таа е единствениот претставник на Михаил Чехов Европската Асоцијација и HB Studio (Ута Хаген техника) во Уругвај.
Со Летиција Скотини се запознавме во Хамбуршката школа за актери, на првата обука за тренери по Михаил Чехов актерската техника, во организација на Михаил Чехов Европа. Оваа организација постои од 2008 година. Нејзини основачи, а истовремено наши професори се Улрих Мејер Хорш од Германија, Сузана Николиќ од Хрватска и Јеспер Михелсен од Данска. Помина цела година до нашата следна средба со Летиција, која се случи, овој пат во загрепското Чеховско студио. На овој тренинг почнавме заедно да работиме како копредавачи. Со други зборови, нè спои љубовта кон оваа актерска техника. За жал, тренингот кој се одржа во Загреб беше последниот тренинг во живо, веднаш по него се затворија границите. Сепак, нашите силни енергии не потклекнаа на предизвиците, пандемијата како уште повеќе да ја зацврсти нашата комуникација и соработка. Секоја втора недела нашите професори организираа зум-средби, на кои секој од нас ги споделуваше стравовите, предизвиците и фрустрациите од пандемијата. Разменувавме искуства за онлајн-предавања и креативна работа при големи рестрикции. Инспирирани од овие разговори, со Летиција дојдовме до идеја да реализираме две онлајн-театарски работилници на кои ќе можеме да ги споиме нашите студенти. Па така, студентите од Факултетот за драмски уметности во Скопје имаа можност да креираат, истражуваат и да разменуваат креативна енергија со студентите на Ескуела Дел Актор од Монтевидео.
Поради успехот на овие две работилници, решивме да продолжиме чекор понатаму, па во соработка со Делегацијата на Европската Унија од Скопје, на 22 и 23 мај годинава организиравме онлајн интернационална актерска работилница: „Истражување на техниката Михаил Чехов: Будење на креативното јас!“ Овој пат беа поканети не само нашите студенти, туку и студенти и професионални актер(к)и од целиот свет. На наше големо изненадување, се пријавија уметници од 17 земји. Имавме учесници од речиси секој континент. Работилницата беше дводневна, но организирана во три сесии. Секоја сесија траеше 2,5 часа. Многу од учесниците беа во сосема спротивни временски зони, но работеа со нас и по полноќ. Имавме среќа да имаме извонредни учесници, многу отворени, креативни и посветени во предавањата. Некои од нив беа почетници во актерството воопшто, некои беа професионални актери кои првпат ја осознаваат оваа техника, но имаше и возрасни актери кои веќе подолго време ја предаваат оваа техника во своите земји. Оттука беше нашето изненадување, тие имаа доверба да ни се препуштат нам, на една Уругвајка и една Македонка и да учат од нас.
Но, морам да признам и ние учевме од нив, а учевме и една од друга. Овие два дена беа магични за нас! Секој од учесниците презентираше поезија на својот јазик додека другите се движеа водени од зборовите што не ги разбираат. Тие меѓусебно не се познаваа, а заеднички создаваа мали уметнички дела. Оваа работилница уште еднаш ги сруши сите предрасуди за онлајн-предавањата на интернет-платформите. Со други зборови, сè што се сака се може! За креативниот дух не постојат препреки! Позитивните импресии од учесниците брзо се раширија низ светот, па секојдневно ни пристигнува е-пошта и пораки во кои уметници од разни земји се интересираат за следните активности на „Ветра“. Оттука, со Летиција веќе сме во преговори за одржување на уште една ваква работилница.
За своите импресии од работилницата Летиција вели:
„Многу сум благодарна што успеавме да оствариме комуникација и да доживееме заеднички креативни моменти со извонредни уметници на различна возраст, со различно потекло и култура, од целиот свет.
Ова се многу тешки времиња за нас, уметниците, и кај сите нас тлее потребата одново и одново да се разжарува креативниот оган, притоа да се остане верен на својата лична природа. Некои луѓе го поврзуваат значењето на нивното постоење со нешто нематеријално, одредена енергија што се појавува кога се случува момент на инспирација и креација.
Актерите и актерките треба да останат будни и свесни при доживувањето на тие значајни моменти. Истовремено е важно уметникот да остане свесен за своето дишење во овие моменти. Михаил Чехов несебично ни даде алатки за да се поврземе со оваа нематеријална сила. Преку својата техника тој ни ја дава моќта, одново и одново да го будиме своето креативно јас и да се поврземе со него. Ова е психо-физичка техника, па затоа е бесконечна и сложена на многу убав, а приемлив начин.
Летиција Скотини
Слушајќи ги учесниците како рецитираат поезија на нивниот мајчин јазик, гледајќи ги како се движат и се изразуваат секој со своите културни и едукативни одлики, беше неверојатно магично и инспиративно искуство за мене. Нивната безрезервна размена на енергии го подигна целиот процес на истражување на уште повисоко ниво. Нивните отворени срца им овозможија да се предадат на другиот и да креираат преку него.
Разликите во креативните индивидуалности на секој од учесниците овозможија тие да се надополнуваат, а не да се разделуваат. И ова уште еднаш ни докажа на сите нам дека секое уметничко дело, создадено од нематеријалната сила што ја носи уметникот, креирано од неговата великодушност, занает и вистина, без разлика на кој јазик или во која културолошка рамка е создадено, станува еден универзален јазик кој ни е на сите близок.
Среќна сум и се чувствувам почестена што токму нам, мене и на Слаѓана, ни беше доделен овој предизвик за остварување на оваа креативна врска меѓу уметници од различни земји од светот.
И јас сум навистина благодарна што имав неверојатна партнерка и би рекла сопатничка на ова креативно патување. Благодарна сум на „Ветра арт“ за организацијата, на учесниците кои донесоа своја светлина во истражувањето и на Europe House Skopje и Delegation of the European Union Skopje што го финансира проектот.“
Покрај театарските работилници, тимот на „Ветра“ веќе работи на осмислување и реализација и на други проекти. Во соработка со Михаил Чехов американската асоцијација реализиравме краток видеоматеријал кој ќе биде дел од видеоархивата од делата на Михаил Чехов. Во видеото играме актерот и доцент на ФДУ – Скопје, Настоски и јас (Слаѓана Вујошевиќ), а монтажата ја сработи режисерот и продуцент Гоце Цветановски. Ова е второ видео со кое нашата земја се презентира во овој значаен проект. Првото видео го изработивме со Мартин Ѓоргоски, студент од трета година на Факултетот за драмски уметности. На овој начин го промовиравме нашиот факултет пред факултетите од целиот свет.
Сите заинтересирани може да ги следат активностите на „Ветра“ на следниве линкови:
https://www.facebook.com/Vetra.Art.Organization
https://www.instagram.com/vetraart/
и да нè контактираат на следнава е-адреса
vetra.contact@gmail.com.