X
 09.07.2020 Наука

Дали садењето големи шуми може да биде штетно?

Садењето големи површини со нови шуми наместо да ѝ помага на околината, може да има спротивно дејство, покажуваат две студии.

Според едно истражување, финансиското поттикнување за садење шуми може да ни се удри од глава и да го намали биодиверзитетот со мало влијание врз намалувањето на атмосферскиот јаглероден диоксид. Друго истражување покажува дека можеби се преценува количината на јаглерод кој може да го апсорбираат новозасадените шуми.

Клучната порака на двата труда е дека садењето дрвја не е едноставно решение за климатската криза.

Во текот на изминатите години идејата за садење дрвја како евтино решение со голем ефект врз климатските промени стана многу популарна.

Претходни истражувања посочуваа дека дрвјата имаат огромен потенцијал за впивање и складирање на јаглеродниот диоксид и многу земји садењето шуми го ставија меѓу приоритетите во борбата против климатските промени. Земјите се повикани да обноват 350 милиони хектари дефорестирана површина до 2030 година. Досега околу 40 земји ја поддржаа таа идеја.

Но, научниците повикуваат на внимание во поглед на брзањето со садењето шуми и предупредуваат дека 80 отсто од плановите вклучуваат садење на еден вид или мал број видови дрвја.

Субвенциите за дел од приватниците значат садење економски исплатливи дрвја, а не оние што растат во тоа поднебје и поради тоа капацитетот за апсорбирање на јаглерод на шумите не е зголемен, а забрзано е губењето на биодиверзитетот.

Во другата студија научниците ја проучувале апсорпцијата на јаглерод од атмосферата и неговото складирање во почвата и утврдиле дека садењето шума на почва сиромашна со јаглерод помагало во зголемувањето на апсорпцијата на јаглерод од воздухот, но тоа не било случај со садењето шуми на почви богати со јаглерод.

Двата труда се објавени во списанието „Нејчр састејнабилити“.

Извор: Vecernji list

Насловна фотографија: Pixabay

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука