Дали некогаш ви се случува да погледнете на часовникот, а потоа кога некој ќе ве праша колку е часот, да не можете да се сетите? Ова е таканаречен гугл-ефект.
Станува збор за психолошки феномен кој се објаснува како тешкотија во помнењето едноставни информации кои штотуку сме ги дознале, иако притоа не ни претставува проблем да запомниме покомплицирани информации од минатото.
Психолошкиот ефект го добил името по популарниот пребарувач „Гугл“, но се однесува и на сите технолошки уреди и апликации поради кои не мора да помниме толку работи како порано.
Фото: Pixabay
Во ерата пред мобилните телефони луѓето ги знаеја напамет броевите на телефоните на своите познајници, а тоа денес не е случај. Сега не мора да ги помниме ниту родендените.
Меѓутоа, проблемот се јавува кога поради лесната достапност на информациите, стануваме мрзливи бидејќи нема потреба да го „тренираме“ мозокот како порано, па затоа помалку се фокусираме и концентрираме, а со самото тоа може да имаме и полошо краткорочно помнење. Токму затоа споменатиот психолошки ефект се нарекува гугл-ефект.
Фото: Pixabay
Психолозите препорачуваат неколку стратегии за соочување со овој проблем и зајакнување на краткорочното помнење. Тие сметаат дека треба да ги побараме посакуваните информации на потешкиот начин кога имаме време, како пребарување во енциклопедија или книга или разговор со лице кое би ги знаело информациите.
Психолозите препорачуваат и пишување белешки на хартија наместо со апликација. Овој побавен процес ќе ни овозможи навистина да се сконцентрираме на она што го пишуваме. Конечно, тие препорачуваат и намерно правење пауза во користењето на технологијата, особено кога сме надвор од домот.
Извор:
DDL