X
 02.10.2023 Образование

Одржан првиот академски час на УКЛО

Централниот настан по повод почетокот на новата академска година на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа на Факултетот за информатички и комуникациски технологии - Битола. Свеченоста за студентите ја следеа претседателот на Сенатот, проф. д-р Николче Јанкуловски, професори, гостите-градоначалници на Битола и Новаци, Тони Коњановски и Стевче Стевановски, претставници од ИТ-компании со кои ФИКТ има воспоставено соработка и други гости.

Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, на новата генерација студенти им посака срдечно добредојде на првиот и засега единствен македонски европски универзитет бидејќи УКЛО од 1 јануари 2024 г. е дел од Европската универзитетска алијанса COLOURS, заедно со уште осум универзитети, со кои ќе се споделуваат и предмети и настава. Според ректорот, тоа претставува исклучителна поволност што ќе ги намалува бариерите за едукација за сите чинители низ регионите на Европа.

Тој посочи дека УКЛО ги задржува традицијата и квалитетот и им порача да ги искористат сите предности од едукацијата за да стекнат фундаментални знаења со кои потоа им се отворени сите врати во Македонија и во светот.

1

„Не само да учите, туку и да уживате во универзитетските денови. Нашиот Универзитет организира многу активности меѓу кои многу спортско-рекреативни активности со кои се збогатува студентското живеење. Не чекајте никој да ве повика и да ве води. Следете, следете сѐ што се случува на Универзитетот и доаѓајте, вклучувајте се! Екстра наставните активности се исто толку битни колку и вашето знаење. Другарствата што ќе ги стекнете, искуствата од тие социјални активности се исто толку битни колку и оценките. Бидете активни, учествувајте, ние сме тука заради вас! Нашата мисија е она што го знаеме да ви го пренесеме вам. Овие четири години ќе ви го профилираат животот, овие четири години се ништо во споредба со она што следува. Искористете ги!“ – им порача ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски.

3

Деканот на ФИКТ, Благој Ристевски, поздравувајќи ги 160. бруцоши кои зачекоруваат во нова, академска средина, изрази задоволство дека се најбројната генерација студенти во десетгодишното постоење на Факултетот и им посака успешно неколкугодишно патување на кое ќе се стекнуваат со знаења, искуства, иновации, експертиза и извонредност кои понатаму ќе ги надградуваат.

5

„Горд сум на вас и на сите вработени на нашиот Факултет, што оваа година, 10-тата генерација на студенти кои се запишаа на ФИКТ од неговото формирање е најбројна споредено со претходните 6 години, а во исто време, бројот на запишани студенти во прва година на прв циклус студии на ФИКТ е најголем споредено со останатите факултети и единици на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Но оваа бројка нѐ обврзува сите нас, професорите на ФИКТ да ви обезбедиме квалитетна настава и вежби, а во исто време сакам да ја изразам нашата благодарност за вашата доверба да се запишете на ФИКТ“, посочи деканот Ристевски.

Честитки до сите студенти на УКЛО упати и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Тој се осврна кон напорите кои Општина Битола и УКЛО заемно ги обезбедуваат за подобри услови за студентите и нивно вклучување во општествениот живот. Посакувајќи им успешно образование, градоначалникот Коњановски им посочи на студентите дека ова е еден од најубавите периоди во животот, во кој младите се надградуваат во своето образование, истовремено надградувајќи го личниот и културниот живот, и интелектуалниот и моралниот капацитет.

6

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, присуствуваше и на првиот академски час на Педагошкиот факултет од каде што заедно упатија честитки до новата генерација студенти.

Воедно, од името на УКЛО, ректорот Неделковски присуствуваше и на свечениот час организиран за јубилејната, 15. генерација студенти на Ветеринарниот факултет - Битола.

7

Новата академска 2023/2024 година со свечен академски час е одбележана на сите единици во состав на УКЛО со доделување на индексите и со желби за успешна едукација, да градат лични професионални капацитети, да ги рушат разликите и бариерите, да напредуваат и да бидат корисни членови на општеството.

uklo

(Комерцијална објава)
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование