На училиште нема досадување, секогаш е циркуз. Доаѓам на час по македонски јазик во шесто одделение. Ученикот Петар ги кренал нозете на масата и пее, додека целото одделение тивко се смее. Го запишувам часот и велам:
- Петар, заврши?
Не - вели тој и продолжува да рапува.
Останатите ученици се смеат на глас. Што да правам? Забрането ми е да го избркам од час, а не можам да го одржам часот. Одам кај нивниот класен раководител. Доаѓа класниот раководител. Петар ги спушта нозете и престанува да пее. Си оди раководителот и тој ги подигнува нозете и продолжува да пее. Јас му велам:
- Петар, ова не е час по музичко.
Тој се насмевнува и продолжува да рапува. Одделението се забавува. Во тој момент се присетувам на една сцена од пред половина век.
Бев во четврто одделение. На час по француски јазик некој од учениците нешто викна. Лутата и строга наставничка рече:
- Зоран, излези надвор!
- Зошто, јас не реков ништо!?
- Излези ти, или ќе си одам јас - рече наставничката.
Зоран беше упорен. Наставничката излезе од час. Наредниот ден, како по обичај, не' наместија во редица пред вратата на училиштето. Ни беше прочитана наредба според која Зоран беше избркан од училиште, а двајца ученици беа казнети пред бркање.
Сега голем дел од вас ќе изреагираат: демократија, човечки права. Каква демократија бре! Пред некоја година два пати платив казна за неврзан појас во автомобил, па сега се врзувам уште од пред гаража.
Пишува: Петар Јокиќ /
Зелeна учионица