X
 02.11.2022 Култура

Забранети хорор-филмови: премногу вознемирувачки, страшни, насилни и навредливи

Додека хорор-филмовите можат да бидат забавни и возбудливи, тие можат и да ја преминат границата и да станат вознемирувачки.

Што се случува кога еден хорор-филм е премногу страшен? Крајното решение е забрана.

Ова е листа со неколку хорор-филмови кои се толку шокантни, што се забранети во кината.

1. „Истерувач на ѓаволи“ (The Exorcist)


Филм кој секогаш завршува на листата со хорор-филмови што мора да се гледаат, а заврши во вестите низ светот веднаш по неговата премиера во 1973 година.

Неверојатниот приказ на ѓаволот кој „влегува“ во мало девојче, а потоа е прикажан егзорцизмот на девојчето, се чини дека го привлече вниманието на обожавателите на хорор-филмови низ целиот свет.

Во САД публиката чекала во долги редици на снегот пред киносалите. Имало редовни извештаи за луѓе што се онесвестувале, повраќале и морале да бидат изнесени надвор од салата.

Филмот доби ознака „Р“ од Американската академија за филмски уметности и науки. Тоа значи дека може да го гледаат малолетници во придружба на возрасни.

Но, некои земји беа помалку либерални, па филмот беше забранет во Сингапур бидејќи ги прекрши правилата според кои филмовите не смеат да понижуваат ниедна религиозна група и не смеат да користат јазик што ја оцрнува религијата. Подоцна беше дозволен бидејќи беа отстранети одредени делови од филмот. Сепак, во соседна Малезија беше забранет, а британскиот филмски регулатор, „Британски одбор за класификација на филмови“, играше построга улога во текот на годините за разлика од слични тела во други земји. Ова регулаторно тело му додели „икс“ на „Истерувач на ѓаволот“, што им овозможи на оние постари од 18 години да го гледаат филмот без исечоци и измени.

Сепак, во 1984 година филмот доби втора ознака и овој контроверзен класик беше отстранет од полиците на видеоклубовите. Филмот остана забранет во следните 11 години и покрај тоа што повремено беше прикажуван во кината.

Британското регулаторно тело ја укина забраната во 1999 година, донесувајќи одлука дека филмот повеќе го нема истото влијание како што го имаше пред 25 години.

И покрај сите контроверзии, „Истерувач на ѓаволот“ стана првиот хорор-филм номиниран за „Оскар“ за најдобар филм.

2. „Канибалски холокауст“ (Cannibal Holocaust)


Овој италијански хорор-трилер од 1979 година беше еден од најозлогласените во 80-тите години.

Во него е прикажано вистинско убивање на животни и екстремно насилство, а приказната се фокусира на спасувачки тим кој наоѓа филмска екипа во прашумите на Амазон.

Режисерот Руџеро Деодато беше обвинет под сомнение дека ги убил актерите откако тие престанале да се појавуваат во јавноста. Тој бил казнет за суровост кон животните, а филмот бил забранет во Италија речиси три години. Филмот долги години беше забранет и во 40 други земји, вклучувајќи ги Австралија, Норвешка, Велика Британија и Ирска.

САД, познати по тоа што се поблаги со контроверзните филмови за разлика од други земји, го забранија филмот пет години по неговата премиера. Во 2005 година САД официјално повторно го дозволија.

3. „Гротеска“ (Grotesque)


Овој јапонски хорор-филм беше објавен во 2009 година и во него можете да видите како садистички лекар брутално измачува млад пар.

Британското регулаторно тело за филмови го забрани поради прикажаното сексуално насилство, наведувајќи го недостигот на контекст или развој на ликовите за да го оправда. Од регулаторното тело изјавија дека филмот не ѝ нуди речиси ништо на публиката освен сцени на понижување, бруталност и садизам. Филмот и понатаму е забранет во Велика Британија, Малезија и Филипините, додека во Финска, Франција и Италија е достапен, но забранет за лица под 18 години.

4. „Човечка стоногалка 2“ (The Human Centipede 2)


Можете да погодите кое е дејството во филмот по неговиот наслов. Првиот филм од оваа франшиза беше објавен во 2009 година. Филмот е холандска продукција и станува збор за „телесен хорор“, односно за германски хирург кој киднапира тројца туристи и потоа врши вознемирувачки хируршки експерименти врз нив.

Продолжението следи човек кој станува толку опседнат со оригиналот од 2009 година, што се обидува да го реконструира заплетот и оди чекор понатаму.

Том Сикс, режисерот и сценарист на филмот, се пофали дека неговото продолжение е најболниот филм на сите времиња.

Филмот беше цензуриран низ светот, а на некои места беше дополнително едитран за да се отстранат проблематичните содржини.

„Човечка стоногалка“ е сè уште забранет во Ирска, на Малдивите и Филипините.

5. „Тексашки масакр со моторна пила“ (The Texas Chain Saw Massacre)


Забранет долги години поради прикажување насилство, овој филм од 1974 година се заснова на приказната за масовниот убиец Ед Гејн кој ги користел деловите од телото на своите жртви како украс за домот.

Долго време австралискиот одбор за класификација одбиваше да издаде етикета за филмот.

Исто така, беше забранет на одредени периоди во други земји, вклучувајќи ги Бразил, Чиле, Финска, Франција, Исланд, Малезија, Сингапур, Шведска, Норвешка, Нов Зеланд и делови од Германија.

6. „Зли мртовци“ (Evil Dead)


Овој филм од 1981 година со текот на времето стекна репутација на популарен култен филм.

Приказната следи пет студенти кои се на одмор во изолирана кабина. Кога ќе пронајдат аудиокасета, студентите несвесно ослободуваат демонски духови кои почнуваат да ги убиваат.

Премиерата предизвика многу контроверзии поради прикажаното големо количество крв. Извесни периоди беше забранет во Исланд, Малезија, Сингапур, Велика Британија, Ирска и Чилe.

Повеќето земји на крајот објавија значително скратени верзии.

„Зли мртовци“ се претвори во франшиза, со две продолженија во режија на оригиналниот режисер Сем Раими, а четвртиот дел беше објавен во 2013 година.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура