X
 02.11.2021 Живот

Патики што може да се засадат откако ќе ги износите и од нив ќе порасне дрво

Можеби во бајките жабите стануваат принцови, но во вистинскиот свет патиките стануваат дрвја. Канадскиот дизајнер Лук Хул дизајнирал обувки кои во себе имаат семе од јаболко. Сопствениците на обувките може да ги засадат кога ќе престанат да ги носат.

Овој 33-годишен дизајнер со години се обидува да пронајде одржливи алтернативи за дизајнирање модни парчиња. Неговите најнови платнени патики по изглед не се разликуваат од другите патики, но се изработени од биоразградливи материјали и во себе имаат семе од јаболко.

- Ѓоновите на обувките обично се изработуваат од пластика, на која ѝ се потребни стотици години за да се разгради. Пластиката се „држи во живот“ околу 1.000 години откако ќе ја фрлиме - изјавил Хул.



Дизајнерот сакал да го поправи тоа и по три години развивање технологија и создавање прототипови, ги изработил обувките наречени „Џони“, во чест на Џон Чепмен, кој го донел јаболкото во Онтарио и во многу американски држави во 19 век.

Обувките „Џони“ се направени да траат колку и обичните обувки, а кога ќе се истрошат, може да се закопаат во почва. Во процесот на разградување во почвата, кој трае три години, се ослободува семе од јаболко кое ќе порасне во дрво.


Дизајнерот има кампања за собирање средства за производство на патиките, а тие може да се купат за 109 долари.

Извор: Green
Фото: Instagram (Printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот