X
 02.11.2022 Живот

Научници ги претвораат кошмарите во позитивни соништа

Многу луѓе имаат кошмари кои често содржат мисли за агресија, конфликти, неуспеси или други емоции. Меѓутоа, доколку се пречести, кошмарите може да предизвикаат емоционален стрес што може да доведе до нарушување.

Нарушувањето најчесто се лекува со когнитивен третман во кој пациентот се сеќава на кошмарите и ја менува приказната во нив за да има позитивен крај. Меѓутоа, според неодамна објавено истражување, можеби постои нов начин на лекување на ова нарушување.

Според истражувањето, постои инхерентна врска помеѓу емоционалните искуства во соништата и благосостојбата на поединецот. Врз основа на ова, научниците добиле идеја да ги манипулираат емоциите во соништата на пациентите, објаснил Лампрос Перогамврос, психијатар кој работи на Универзитетот во Женева.

Истражувањето било спроведено на 36 пациенти што имале дијагноза за нарушување со кошмари. За време на експериментите, половина од групата примиле третман познат како реактивација на меморија на лекување (ТМР) и биле изложени на звук кога го вежбале новото сценарио на своите кошмари со цел да им дадат позитивен крај. Пациентите биле изложени на звукот и додека спиеле.

На крајот било заклучено дека пациентите што го слушале звукот имале подобри резултати од третманот по 3 месеци.

Истражувањето покажува дека во иднина би можело да има ефикасен метод за елиминирање на кошмарите, иако се потребни дополнителни истражувања во поголеми размери за да се тестира ефикасноста на методот.

Извор: Vice
Насловна фотографија: Freepik 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот