X
 09.12.2024 Живот

Го одбил хонорарот: Како Пабло Пикасо заработил 12 шишиња вино од Југославија?

Бил скулптор, сликар, графичар и сценограф, а неговата работа се смета за пресвртница во уметноста. Се карактеризира и со постојани периоди на преклопување. Во неговиот син период, кој траел од 1901 до 1904 година, тој првенствено ги сликал сиромашните. На сликите доминирале различни нијанси на сино, кои оставаат меланхоличен впечаток кај гледачот. Делата од овој период се меѓу најпопуларните уметнички дела на 20 век.

За време на неговиот живот, Пикасо направил филмски постер само двапати. Едниот бил за филмот „Андалузиско куче“, а другиот за српскиот филм „Битката на Неретва“ во режија на Вељко Булајиќ.

Вељко Булајиќ го запознал Пикасо во Монте Карло во 1964 година на филмски фестивал. Кога завршило снимањето на филмот, започнала неговата светска дистрибуција. Булајиќ побарал од агентот на Пикасо во Париз да дизајнира постер за филмот кој ќе се користи на западниот пазар, најмногу во Велика Британија.

Постерот за филмот „Битката на Неретва“ бил испечатен во ограничено издание, а секоја копија била потпишана од Пикасо на задната страна. „Њујорк тајмс“ го објавил тој постер во своето неделно издание, во 1.200.000 примероци.

Пикасо бил заинтересиран за понудата да направи постер за филм кој доаѓа од Југославија, па решил да го погледне филмот за да донесе конечна одлука. Откако го погледнал филмот и се запознал со историјата на Југославија, тој решил за плакатот да ги искористи мотивите на својата слика „Жената сабинка“ и да ги прикаже во црвено како асоцијација за антифашистичката борба.

Пабло Пикасо одбил да земе хонорар за овој плакат, но за возврат побарал 12 шишиња вино од Југославија.

Лично Вељко подготвил колекција од 12 шишиња вино бидејќи и самиот бил голем обожавател. Колекцијата била од Далмација, Србија и Македонија.

„Битката на Неретва“ е југословенски партизански филм од 1969 година, снимен во меѓународна копродукција со Италија и Западна Германија. Сценариото за филмот го напишале Стеван и Вељко Булајиќ, а Вељко бил режисер.

Во главна улога се појавиле Коле Ангеловски, Столе Аранѓеловиќ, Фарук Беголи, Сергеј Бондарчук, Јул Бринер, Франко Неро. Филмот се базира на вистински настани од Втората светска војна. Се смета за еден од најдобрите филмови направени во Југославија, а веројатно и најскапиот: процените за неговиот буџет се движат од најмалку 4,5 милиони долари до дури 12 милиони долари (тоа би било еквивалент на 70 милиони долари денес). Филмот бил номиниран за „Оскар“ за најдобар странски филм.



Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот