Индија ги скенира отпечатоците, ирисот од очите и лицето на своите жители, создавајќи огромен биометриски систем што овие идентификациски податоци треба да ги поврзе со сите владини сектори и да ја олесни работата на јавниот систем, како и да создаде подобра контрола на многубројното население.
Фото: Profimedia
Во земја со 1,3 милијарда жители неправилностите во јавниот систем се неизбежни, а целта е да се создаде програма наречена „Адхар“ со којa ќе се спречи корупцијата, ќе се намали лажното претставување и ќе има подобра контрола на протокот на јавни пари. Наскоро на сите жители на Индија ќе им бидат скенирани ирисот од очите, лицето и отпечатоците од прстите за тие да имаат пристап до сите услуги - од картички за паркирање, банкарски сметки, пензии, социјален оброк, до полагање испити во училиштата и на факултетите.
Проектот „Адхар“, Индија го почна во 2009 година под мотото „Дигитална ера“, а првичниот концепт вклучувал доделување единствен идентификациски број за секој Индиец, за сега да напредува во задолжително биометриско скенирање преку кое поминаа речиси 99 отсто од населението.
Тешко е да се пронајде валиден извор за тоа колку овој проект ја чини индиската влада. Единствената достапна анализа е од 2012 година од индискиот Национален институт за јавни финансии во која пишува дека трошоците за овој проект од 2009 до крајот на 2017 година ќе бидат 3,5 милијарди долари.
Иако голем број луѓе го споредуваат системот со „Големиот Брат“ на Џорџ Орвел, многумина веруваат дека овој проект може да даде позитивни резултати. Дел од експертите го споредуваат со изградба на меѓудржавен автопат, како и одлична платформа за изнаоѓање нови иновации. Од друга страна, проектот има свои недостатоци. Најголемиот проблем, со потенцијалното нарушување на приватноста, доаѓа од заборавените рурални делови на Индија каде што врската со интернетот е многу слаба и често предизвикува исклучување, а без интернет проектот не може да функционира. Исто така, луѓето од руралните региони главно се занимаваат со физичка работа или земјоделство. Доживотното работење со рацете кај некои Индијци предизвикало уништување на отпечатоците на прстите, па не би можеле да се земат биометриски податоци.
Околу проектот почнаа да се вртат скандали и контроверзии по минатогодишното протекување на информации од милион Индијци, како имиња, датум на раѓање и банкарски сметки.
Исто така, голем тест за овој
проект ќе бидат и 30-те тужби испратени до Врховниот суд на Индија, во кои се обвинува за прекршување на основните човекови права и приватноста.