X
 15.05.2020 Колумни

Колумна, проф. д-р Оливера Костоска: Како да се израмни кривата на рецесија во услови на Ковид-19?

Ако не постои итно дејствување со мерки на политиката за заштита на економијата, изолацијата би можела да предизвика ерозија на нејзиниот потенцијал, забавено закрепнување и перманентна штета за просперитетот на луѓето

Пишува: проф. д-р Оливера Костоска, Економски факултет при УКЛО

Овој пат е поинаку...

Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), глобалната економија оваа година би можела да ја доживее најлошата рецесија од Големата депресија, надминувајќи ја таа забележана во текот на глобалната финансиска криза од пред една деценија (како резултат на пандемијата се предвидува остра контракција на глобалната економија од -3% во 2020 година, исход кој е многу полош од оној на финансиска криза од 2008-2009 година). Проекциите на ММФ за Република Северна Македонија упатуваат на рецесија со негативен раст од -4% за 2020 година; слично предвидување за годишната процентуална промена на БДП (-3,9%) на нашата земја во 2020 година е забележано и од страна на Генералниот директорат за економски и финансиски прашања на Европската комисија. Во секој случај, постои голема неизвесност во врска со предвидувањата на економските последици од шокот поврзан со Ковид-19 – едноставно, нештата, овој пат, се многу поразлични!

Проф. д-р Оливера Костоска

За разлика од глобалната финансиска криза кога не постоеше шок на страната на понудата, па креаторите на политиката беа во состојба да се фокусираат на побарувачката и стабилизацијата на финансискиот систем, ситуацијата е многу покомплексна во случајот со Ковид-19 - станува збор за симултан шок, како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката. Друг аспект што го разликува тековниот економски пад од финансиската криза е улогата на глобалните вредносни синџири. Нарушувањето на вредносните синџири претставуваше проблем уште во времето кога Ковид-19, главно, беше ограничен на Кина. Сега, кога болеста станува сè пораспространета, ова нарушување има исклучително важна улога. Трговијата, веројатно, ќе опаѓа пострмно во секторите што се карактеризираат со комплексни вредносни синџири, особено електрониката и автомобилските производи. Дури и кога штетата со овие синџири не е непоправлива, како што ќе закрепнуваат водечките фирми од кризата, тие, најверојатно, ќе мора да го преиспитаат нивниот бизнис-модел, вклучувајќи го и намалувањето на линковите во овие синџири, односно намалување на зависноста од надворешни снабдувачи во синџирите преку зголемување на домашно произведени интермедијарни производи (како што е случајот со Кина).

„Дејствувајте брзо и направете сè што е потребно“

Накратко, економските последици зависат од фактори кои заемно дејствуваат на начини што тешко можат да се предвидат (движењето на пандемијата, интензитетот и ефикасноста на преземените мерки за минимизирање на ширењето на болеста, реперкусиите од драматичното затегнување на условите во глобалните финансиски пазари, поместувања во моделите на потрошувачка, степенот во кој ќе биде нарушена понудата, бихевиористичките промени, променливите цени на енергијата, храната или металите и сл.), но постојат јасни индикации дека работите ќе се одвиваат полошо за земјите во развој. Целосните ефекти од здравствената криза допрва ќе бидат почувствувани во многу земји во развој, а допрва се очекува и „крајот на почетокот“ од економската криза во развиените земји.

Колапсот на „Леман Брадерс“ / Фото: Wikimedia Commons

По колапсот на инвестициската банка „Леман брадерс“ во септември 2008 година, глобалната економија регистрира 5 последователни квартали на негативен раст, иако со забавена стапка по вториот квартал на 2009 година. Дури и ако екстензивните стимулативни пакети што сега би се имплементирале успеат да превенираат долг период на депресија, тие, како што веќе беше наведено, нема да ја спречат рецесијата во глобалната економија оваа година. Следејќи го случајот со Кина, многу влади сметаат дека станува збор за привремен економски шок. Тоа, можеби, е добрата страна; сепак, лошата страна е што првиот бран на оваа пандемија можеби нема да биде последен. Случајот со шпанскиот грип, кој ги погоди повеќето земји во три брана од 1918 до 1920 година, покажува дека заеднички феномен на епидемиите е нивното повторно појавување. Борбата за израмнување на кривата на медицинската зараза беше наречена „војна“ од страна на претседателот Макрон – идентично како и во војна или политичка криза, така и сега постои континуирана сериозна неизвесност за траењето и интензитетот на шокот.

Централна европска банка / Фото: Wikimedia Commons

Рецесијата претставува медицинска потреба. Тоа е сосема јасно. Но, владите можат и треба да се обидат да ја израмнат кривата на економска рецесија. Како?! Постои консензус по ова прашање меѓу водечките економисти кој е прилично едноставен: „Дејствувајте брзо и направете сè што е потребно“. Овој принцип е аналоген на познатата изјава на Марио Драги во текот на кризата во еврозоната, дека Европската централна банка ќе направи „сè што е потребно“ за да го спаси еврото. Џејсон Фурман од Универзитетот „Харвард“, главниот економист на претседателот Обама, презентира неколку насоки во контекст на идејата „направете сè што е потребно“:

(1) Подобро да се направи премногу отколку премалку;
(2) Користете ги постојните механизми колку што е можно повеќе; повторете ги политиките што се тестирани и, барем административно, функционирале добро во минатото;
(3) Пронајдете нови програми таму каде што е потребно (на пример, во контекст на креирањето нов инструмент би било издавањето заедничка обврзница - „pandemic bond“ - за финансирање на EU-wide bazooka);
(4) Диверзифицирајте и не плашете се од дуплирање или ненамерни „победници“;
(5) Мобилизирајте го приватниот сектор колку што е можно повеќе;
(6) Креирајте динамични и перзистентни мерки на политиката.

Борбата за намалување на последиците врз економијата, во крајна линија, може да услови потреба од мерки за кои не би се размислувало во нормални времиња. Спецификата поврзана со дизајнирањето соодветни економски политики во текот и по кризата поврзана со Ковид-19 варира меѓу одделни земји. Сепак, постои јасен консензус дека алатките на монетарната политика се лимитирани. Централните банки пристапија кон „спасување“ во текот на глобалната финансиска криза и кризата во еврозоната. Сепак, главниот шок, кога станува збор за кризата поврзана со Ковид-19, доаѓа од реалната економија, па поради тоа, постои потреба од агресивни мерки на фискалната политика – монетарната политика, најпрвин, треба да има улога на поддржувач преку гарантирање на ликвидноста на финансискиот систем.

Спецификата на фискалната политика во борбата со Ковид-19

Во оваа криза, како што ќе истакне Оливие Бланшар од Институтот за технологија во Масачусетс и поранешен главен економист на ММФ, фискалната политика треба да има три цели:

(1) Борбата со вирусот – намалувањето на стапката на инфекција е апсолутен приоритет;

(2) Помош за олеснување од катастрофата – уверување дека луѓето нема да страдаат од глад и дека фирмите нема да банкротираат. Голем дел од домаќинствата немаат парични резерви. Поради малата побарувачка или принудната изолација, многу мали и средни фирми немаат доволно парични резерви да преживеат повеќе од неколку месеци. Оттука, од суштинско значење е обезбедувањето доволно пари за тие да можат да ја преживеат кризата. Главното прашање е како овие средства на брз начин да дојдат до луѓето и фирмите на кои им се потребни. Постојат различни решенија во различни земји – од одложување до укинување на даночните плаќања, од зголемување на надоместоците за невработеност и парични трансфери, до барање банките да ги потпомогнат фирмите, при што владата ќе понуди привремени и таргетирани кредитни гаранции за краткорочните потреби поврзани со ликвидноста на овие фирми. Ниту еден од овие канали за дистрибуција не работи перфектно. Информациите за тоа на кого му се потребни пари се лимитирани; тешко е да се дојде до оние на кои парите им се најпотребни. Она што е важно е дека независно од тоа каква комбинација за испорака ќе се избере, подобро е да се погреши на страната од тоа да се даде премногу отколку да се даде премалку;

Оваа рецесија не е „нормална рецесија“ / Фото: Pxhere

(3) Приспособувањето на агрегатната побарувачка да биде колку што е можно поблиску до потенцијалниот аутпут. Во услови на „нормална рецесија“, контролата на агрегатната побарувачка претставува главен мотив за користење на фискалната политика. Оваа рецесија, сепак, не е „нормална рецесија“, па поради тоа таа има значајни импликации. На краток рок, сè додека се присутни ограничувањата поврзани со мерките за минимизирање на ширењето на болеста, потенцијалниот аутпут ќе биде многу понизок. Оттука, владите мора да прифатат соодветно намалување на побарувачката. Со други зборови, одржувањето на побарувачката над потенцијалното ниво (на пр., преку намалување на даноците за фирмите и домаќинствата) може да води до рационализација и инфлација наместо до зголемување на активноста. Оваа состојба го повлекува прашањето за тоа колкава треба да биде големината на пакетот за олеснување при катастрофи.

Сепак, ситуацијата ќе се промени кога стапката на инфекција ќе се стави под контрола, рестрикциите полека ќе се олабавуваат, а потенцијалниот аутпут ќе се враќа, ако не на старото ниво, барем блиску до него. Дали тогаш ќе има потреба да се поттикне агрегатната побарувачка и да се помогне економијата побрзо да закрепне? На ова прашање, веројатно, е тешко да се одговори. Од една страна, барем иницијално, ќе постои одредена потисната побарувачка на потрошувачите кои не можеле да купат трајни потрошни добра за време на примената на здравствените мерки. Од друга страна, степенот во кој се отстрануваат рестрикциите, или реалната можност за повторно враќање на ограничувањата доколку стапката на инфекција започне повторно да се зголемува, веројатно ќе води кон штедење заради претпазливост од страна на потрошувачите и мали инвестиции од страна на фирмите. Побарувачката може иницијално да се зголеми, па повторно да падне, но многу е тешко да се биде сигурен во ова. Оваа неизвесност има јасна импликација: владата треба да биде подготвена, но не и да се обврзи на определено ниво на фискална експанзија пред да знаеме на каков начин ќе се движи побарувачката.

Дали земјите можат да си го дозволат зголемувањето на долгот?

Се разбира, секоја од овие три мерки е проследена со сет на предизвици и тешки одлуки. Колку и да звучи лошо, ситуацијата во развиените економии ќе биде многу побенигна отколку во земјите во развој, не само во поглед на товарот поврзан со болеста, ами и во однос на економската девастација со која ќе се соочат овие земји. Овие политики ќе продуцираат зголемување на долгот во однос на БДП. Колку што повеќе се инсистира на израмнување на кривата на зараза, толку повеќе земјата треба да биде ставена во изолација, па поради тоа, ќе биде потребен поголем фискален простор за ублажување на рецесијата. Или што би рекол Пјер-Оливие Гуринчас од Универзитетот „Беркли“, Калифорнија: „Израмнувањето на кривата на инфекција неминовно ја прави пострмна кривата на макроекономска рецесија“. Повеќето развиени земји веројатно подолго време ќе забележуваат ниски каматни стапки, така што, и покрај зголемувањето на овој сооднос, долгот треба да остане одржлив. Сепак, ова не може да се констатира за земјите во развој. Дури и во најдобрите времиња, многу од овие земји имаат несигурен пристап до финансии, а ова се далеку од добри времиња (пристапот до меѓународните финансиски пазари е исклучен како што инвеститорите „rush to safety“ кон американски и должнички инструменти издадени од други богати држави).

Меѓународен монетарен фонд / Фото: Wikimedia Commons

Ваквата поставеност на факторите целосно се рефлектира и врз Република Северна Македонија - кризата ја погоди земјата токму во време кога фискалниот простор е ограничен, а големите отплати на долговите стасуваат во 2020 и 2021 година. Жестокото влошување на економската состојба на главните извозни партнери на државата (речиси 50% од извозот е насочен кон Германија) во комбинација со нарушувањето на вредносните синџири ќе предизвика значително намалување на извозот во 2020 година. Странските компании, како главни извозници, се особено погодени, пред сè, производителите на автомобилски компоненти кои се соочуваат со запрено производство на автомобили во Германија и нарушувања на увозот од затворањето во Кина. Дефицитот на тековната сметка ќе биде дополнително проширен и поради падот на тековните трансфери (странските дознаки). Зголемените државни трошења ќе резултираат со повисоки нивоа на дефицит и долг во време на затегнување на финансиските услови. Со други зборови, точно тогаш кога земјите во развој треба да менаџираат со пандемијата, повеќето од нив се соочуваат со ограничен фискален простор и голем јаз во финансирањето.

Треба итно да се дејствува / Фото: Pixabay

Стандардните препораки во услови на пад на приходите и проблеми со екстерното финансирање претставуваат комбинација од штедење, девалвација и меѓународна финансиска помош. Но, ова би ги оставило земјите без ресурси за борба со вирусот и без средства за заштита на економијата од штетните ефекти на изолацијата. Поради тоа, некои земји, вклучувајќи ја и нашата, ќе имаат потреба од воспоставување нови приоритети во постојните трошења и заштита на други клучни приоритети, како што е поддршката на ранливата популација (со други зборови, избегнување на непродуктивните трошења за да се канализираат повеќе ресурси во јавното здравство и економските стимуланси за популацијата на која ѝ се најмногу потребни – малите и неформалните бизниси, ранливите и сиромашните, а избегнување на користењето стимуланси кои уште повеќе ги збогатуваат богатите). Но, и во вакви услови, трошоците од кризата се високи, па поради тоа, екстерната поддршка ќе има клучно значење во обидот за справување со кризата. Потребни ќе бидат грантови и заеми, како од меѓународните финансиски институции така и од одделните развиени земји, кои, исто така, треба да ги спасуваат нивните економии. Во суштина, обемот и брзината на економското закрепнување ќе зависат од мерките на економската политика што ќе бидат преземени сега – брзиот одговор е подобар од оној што е перфектен, но бавен.

И покрај тоа што се очекува длабока рецесија во многу земји во светот, постои една причина за оптимизам: рецесијата е предизвикана од шок кој доаѓа надвор од економскиот систем, па поради тоа, како што ќе се враќа економската активност на нејзиното претходно ниво, постои веројатност за брзо и силно закрепнување. Ова би се случило доколку компаниите останат солвентни, работниците се задржат на работните места, а синџирите на снабдување се консолидирани, и покрај ненадејното запирање на економската активност. Сепак, доколку не постои итно дејствување со мерки на политиката за заштита на економијата, изолацијата би можела да предизвика ерозија на нејзиниот потенцијал, забавено закрепнување и перманентна штета за просперитетот на луѓето.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни