X
 03.03.2020 Живот

Колку пари се доволно? Овој експеримент го дава одговорот

Дури и богатите понекогаш може да паднат во стапицата да трошат повеќе отколку што навистина е потребно. Решението е да не се споредувате со другите. Џеф Безос секогаш ќе биде човекот што има повеќе пари од вас. Секако, не треба упорно да се трудите да заработувате повеќе, притоа заборавајќи на другите аспекти од животот. Целта треба да ви биде да добиете една идеална бројка - колку пари ви се доволни?

Оваа сума е различна за секого и зависи од многу околности. Науката малку може да ни помогне овде. Истражувањата покажуваат дека парите играат голема улога во секојдневието и задоволството од животот е до одредена сума. Доколку се наоѓате под таа сума, секоја дополнителна заработка ве прави среќни. Но, над таа сума, секој дополнителен денар вреди помалку.


Фото: Pixabay

Еден начин како да ја пресметате оваа сума е да се обидете да разберете колку пари ви се потребни за да донесувате одлуки само врз основа на уживањето, без притоа да чувствувате притисок. Ова е фокусот на едно движење наречено ФИРЕ (FIRE), што на англиски јазик е акроним од „пензионирај се рано за финансиска независност“. Поддржувачите на движењето велат дека е потребно да заштедите 25 пати по сумата што ја трошите за живот во текот на една година.

Постојат и други калкулатори со кои може да пресметате колку треба да заштедите за да се чувствувате независни во поглед на финансиите. Но, можеби најдобар начин да стигнете до одговорот е едноставен експеримент зад кој стои авторот Бред Столери.


Фото: Pixabay

Замислете дека сте еден од петтемина што биле одбрани од страна на мистериозен филантроп да учествуваат во натпревар. Сите имате приближно исти долгови и трошоци за живот, како и слични финансиски состојби. Сите сте на приближно иста возраст, здраво се храните, имате ист број деца и сите живеете живот без ризици. Претставник на донаторот ви приоѓа на секој од вас посебно со празен чек и пенкало и ви го поставува следното прашање: Колку пари би сакале да добиете веднаш за да се пензионирате и никогаш да не добиете никаков приход од друг извор до крајот на животот? Ќе биде исплатен оној играч што ќе ја стави најниската сума на чекот. Другите играчи не добиваат ништо.

Овој експеримент ве поттикнува да се ослободите од природниот импулс за повеќе. Освен тоа, со него добивате сума која би ви била доволна за да живеете пристоен живот. Вашиот резултат веројатно ќе се разликува од оној на вашиот колега или пријател. Не е важно секој да има ист број, туку секој да ја открие својата сума.

Автор: Џесика Стилман
Извор: inc.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот