X
 03.04.2020 Живот

Ивент-индустријата бара итни мерки од Владата

Здружението на компании за организација, реализација и поддршка на настани, ТВ и филмски продукции ги поздравува напорите на Владата за помош на стопанството, но смета дека мерките се недоволни и недоречени.

- Нашата гранка беше првата што престана да работи на 28 февруари кога се донесе забрана за одржување на јавни собири. Со тоа ние останавме без можност за какви било приходи. Ние немаме можност за онлајн или шалтерска продажба, а нашите компании во моментов се под клуч со промет од 0 денари.

Без намера да ја игнорираме тежината на последиците со кои се соочуваат другите гранки и индустрии, ние сме едни од ретките сектори на кои бизнисот им беше целосно прекинат преку ноќ. Нашиот бизнис практично не постои сè додека постои уредба за забрана за јавни собири, а исто така забележуваме дека откако ќе заврши пандемијата, ќе биде потребно уште некое време пред да се дозволат јавните собири, додека, на пример, веднаш по завршувањето на кризата тоа нема да важи за превозниците, за угостителите или трговијата. Сакаме уште еднаш да истакнеме дека нашата професија беше една од првозасегнатите уште кон крајот на февруари, а ќе ѝ треба најдолго време да се врати во нормалниот работен тек.

industrija

Затоа бараме од Владата итни и системски мерки со кои би ни се помогнало во надминување на овој тежок период. Освен веќе предложените мерки:

1. Бараме исплата на бруто-плата за целиот период на траење на пандемијата, односно до укинувањето на забраната за одржување на јавни собири и

2.Бараме исплатата на бруто-плата да почне да важи од месец март бидејќи ние како компании сме затворени уште во февруари.

Доколку не ни биде понудена соодветна поддршка и не бидат прифатени нашите барања и тоа во најкраток можен рок, ќе бидеме принудени да ги отпуштиме нашите вработени и да ги затвориме компаниите. Освен нашите редовно вработени, засегнати се и голем број други сектори, индустрии и физички лица од различни профили - актери, музичари, водители, фотографи, сликари, дизајнери, костимографи, сценографи, светло-мајстори, како и кастинг-агенции, печатници, кетеринг-служби, агенции за обезбедување, програмери, техничари, енергетичари, превозници, бравари, столари, и многу други.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот