Од средата на жените во Панама им е дозволено да излегуваат од дома за да пазарат во понеделник, среда и во петок. Мажите смеат да излегуваат за да ги завршат неопходните обврски во вторник, четврток и во сабота.
Сите луѓе мора да останат дома во недела. Ограничувањата ќе траат најмалку 15 дена, велат владините претставници.
Дополнителните мерки на веќе најавениот национален карантин во теорија ќе ѝ олеснат на полицијата да го ограничи бројот на луѓе што излегуваат во јавност.
- Големиот број луѓе што излегуваат од своите домови, и покрај задолжителниот национален
карантин, предизвикаа националната власт да преземе поостри мерки - се вели во соопштението на панамскиот претседател Лаурентино Кортизо.
Фото: Pixabay
Претходно панамските власти им наредија на сите граѓани да останат дома освен во итни случаи или кога треба да купуваат храна. Но, поради големиот број луѓе што и понатаму излегуваат, панамските власти одлучија да ја воведат оваа мерка со раздвојување на половите, за дополнително да ограничат колку луѓе ќе се движат.
Дури и во одредените денови мажите и жените ќе имаат само два часа за да го купат она што им е потребно.
Панама има 1.075 случаи на заразени со коронавирус и 27 смртни случаи, според здравствените власти, и веќе презеде некои од најстрогите мерки во регионот за да го запре ширењето на болеста.
Земјата ги забрани сите домашни и меѓународни патувања. Ги затвори аеродромите и спречи дури и панамските граѓани да патуваат во Панама.
Владата воведе и полициски час, од 21 до 5 часот наутро секој ден. Но, според новите, построги мерки, полицискиот час отсега ќе почнува во 17 часот.