X
 03.04.2023 Технологија

Како да препознаете дали некоја фотографија е направена со вештачка интелигенција?

Системите за вештачка интелигенција кои процесираат текстуално барање за да создадат слики многу брзо станаа многу добри и сега се доволно убедливи за да ги измамат неинформираните.

Па, како можат скептичните набљудувачи да препознаат слики генерирани од вештачка интелигенција (АИ)? Секој генератор на слики, како и секоја слика, варира во однос на тоа колку убедлив може да биде и кои знаци може да го издадат неговиот алгоритам. На пример, АИ системите одамна се мачат да изимитираат човечки раце, но како што напредува технологијата, некои системи (како Midjourney V5) изгледа дека барем во некои примери успеале да го решат проблемот. Експертите велат дека најдобрите слики од најдобрите генератори е тешко, ако не и невозможно, да се разликуваат од вистински слики. Според нив, во последната година имало голем отскок во способностите за генерирање слики, а некои од факторите зад тој отскок се сѐ поголемиот број слики достапни за тренирање на таквите АИ системи, како и напредокот во инфраструктурата за процесирање податоци и интерфејси кои ја прават технологијата подостапна за обичните корисници на интернетот.

Софи Најтингејл, психолог од Универзитетот во Ланкастер, Англија, која е фокусирана на дигиталната технологија, е коавтор на студија од 2021 година во која се тестирало дали онлајн волонтери можат да разликуваат слики создадени од АИ од реални слики.

- Сега сме дојдени до точка кога е толку реалистично што луѓето не можат со сигурност да ја воочат разликата меѓу синтетичките лица и реалните лица на луѓе кои навистина постојат - вели таа.

Во вториот тест истражувачите им помагале на луѓето со посочување дали одговорот им е точен по секое прашање и однапред ги подготвувале така што им давале да читаат совети за детектирање вештачки генерирани слики. Советите ги нагласувале областите каде што АИ често греши (става различни обетки, не ги разделува забите, туку ги спојува сите во едно), но Најтингејл вели дека и со таа помош, точноста на учесниците се зголемила за само 10 отсто, а АИ системот кој ги генерирал сликите за истражувањето сега е уште повеќе подобрен.

Иронично, како што технологијата за генерирање слики со АИ се подобрува, најдобрата одбрана за луѓето да не бидат измамени од АИ систем е друг АИ систем кој е истрениран да детектира такви слики. Експертите велат дека како што генерирањето слики со АИ напредува, алгоритмите се подобро опремени од луѓето да детектираат мали траги на роботски креации.

Ваквите програми за детектирање вештачки слики функционираат исто како и секоја друга задача за машинско учење - се собираат податоци од реални слики и од слики генерирани од АИ и потоа се тренира системот да ги разликува. Секако, и таквите програми имаат недостатоци, но научниците се трудат да ги средат.

Извор: Scientific American
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија