Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.
- По предметот Физика кај професорот Ордан Печијаре немавме никаква литература и беше претешко да се положи испитот. Тој ги враќаше студентите во огромен процент. Во четврта година по предметот Патологија кај професорот Милетиќ од Белград добив десетка и бев поканет од него да му бидам демонстратор. Со задоволство ја прифатив поканата да бидам демонстратор во последната година на студиите. На пример, испитот Патологија се полагаше четири дена - се присетува Ефтим Пандилов, кој завршил Медицински факултет во 1957 година
Примариус д-р Ефтим Пандилов, роден на 4.12.1931, се запишал на Медицинскиот факултет во Скопје на 8 октомври 1951 година, во новата зграда на Медицинскиот факултет, како студент од петтата генерација. Претходно се студирало во старите бараки. Со радост Ефтим се присети на своите студентски денови, спомени, искуства... Учествувал на работна акција за изградбата на хидроцентралата на браната во Маврово во 1952 година, бил во студентското раководство на МФ во петтата година од неговите студии, бил еден месец на студентска размена во Берлин во 1956 година и уште многу други детали.
- Завршив студии на 22 ноември 1957 година. Медицината е наука и професија од која имаат потреба сите луѓе и за неа се одлучив за да можам да си помогнам себеси, на моето семејство и на пријателите. Значи, причините беа од хуманистичка природа. Во тоа време се запишуваа одлични и многу добри ученици - матуранти. На Медицинскиот факултет во Скопје требаше да се запишат 100 студенти од Македонија и 30 од другите југословенски републики. Меѓутоа, подоцна беа запишани и добри ученици затоа што и тогаш владееше протекционизам. Приемен испит не сме имале. Јас бев трет на ранг-листата со примени студенти. Секако дека беше многу тешко да се запише човек на Медицинскиот факултет во тоа време - ни споделува Пандилов.
За многу предмети немаше учебници, па фаќавме белешки
Првиот час му бил по Анатомија кај професорот Здјенко Крижан од Загреб.
- На неговите предавања амфитеатарот беше секогаш преполн и владееше потполна тишина. Никој од студентите не смееше да зборува затоа што ако беше забележан од страна на професорот, ќе беше исфрлен од предавањето. Учебникот по Анатомија од професор Перовиќ од Загреб ми го набави мојот вујко, писателот Васил Куноски. По многу од другите предмети немаше учебници и фаќавме белешки од самите предавања. По предметот Физика кај професорот Ордан Печијаре немавме никаква литература и беше претешко да се положи испитот. Тој ги враќаше студентите во огромен процент. Во четврта година по предметот Патологија кај професорот Милетиќ од Белград добив десетка и бев поканет од него да му бидам демонстратор. Со задоволство ја прифатив поканата да бидам демонстратор во последната година на студиите. На пример, испитот Патологија се полагаше четири дена. Прво требаше да имаме знаење за органите на лешови, вториот ден да направиме обдукција, третиот ден хистопатологија на препарати и четвртиот ден беше устен испит. Клиничките предмети се полагаа во еден ден, практично и усно. Студиите ми одеа релативно добро и на крајот имав просек од 8,30 и важев за еден од најдобрите студенти. Тогаш немаше подарување десетки на кого било и никој немаше над 9,00 просек – раскажува примариус д-р Ефтим Пандилов.
Докторот беше најценета професија во тоа време
Поради строгоста на професорите, медицината многу се ценела во тоа време.
- На пример, имаше студенти кои кај проф. Исак Таџер полагаа испит и по девет пати, а јас успеав од прво полагање да добијам оценка 9 кај него. Докторите беа најценета професија во тоа време. Македонија немаше доволно лекари, прашање е дали имаше 50-ина доктори до отворањето на Медицинскиот факултет во Скопје во 1947 година. Поради тоа, постоеше голема потреба од запишување на македонски студенти, идни лекари кои ќе лекуваат маларија, туберкулоза, шарлах, дифтерија, пертусис, антракс, болести кои денес речиси и да ги нема. Докторите уживаа висок општествен статус бидејќи ги немаше доволно. Платата беше релативно ниска во однос на општествената одговорност. Некои доктори одеа во селата и помалите градови на Македонија, каде што примаа многу повисоки плати – споделува тој.
Не плаќал партиципација за студирање.
- Во тоа време не постоеше партиципација. До трета година не добивавме стипендија од државата, а од четврта година јас почнав да примам стипендија од Заводот за социјално осигурување, по 3.000 динари месечно. Бенефиции имавме што не плаќавме партиципација, здравственото осигурување беше бесплатно, имавме бесплатни лекови и бесплатно болничко лекување. Литературата беше доста скапа, на пример, Анатомскиот атлас го платив 4.000 динари, значи многу повеќе од една месечна стипендија. По положувањето на испитот Интерна медицина одевме на задолжителна пракса во „медицинско село Кучевиште“ во 1956 година. Последниот испит по Судска медицина кај прочуениот професор Вељко Бујан го полагав на 22 ноември 1957 година со висока температура поради вироза и сепак добив деветка. Шест дена подоцна на свечена церемонија деканот, проф. Божидар Никетиќ, ни ги додели дипломите во амфитеатар 2. На задоволството му немаше крај... - раскажува нашиот соговорник.
Немавме пари, па не одевме по кафеани
Забавата не беше како што е денес, туку тогаш оделе на корзо од 19 до 21:30 часот на главната улица, денешната улица „Македонија“, и на главниот плоштад во Скопје.
- Речиси никој од студентите медицинари не одеше по кафеани во педесеттите години на минатиот век бидејќи немавме доволно пари. Еднаш неделно одев во кино „Младина“, „Култура“, „Вардар“ и „Балкан“. Ние, студентите, одевме да го гледаме ФК Вардар, но бидејќи картата беше скапа, не гледавме од почеток, туку успевавме да го проследиме натпреварот во второто полувреме кога вратите ширум се отвораа – раскажува Пандилов.
На стипендистите им било обезбедено сигурно вработување. Но, прво требало да поминат едногодишен стаж кој бил неплатен.
- Два месеца поминав на Клиниката за гинекологија и акушерство, два месеца на Клиниката за детски болести и 8 месеци ни беше признато што бевме на служба во ЈНА како лекари. По враќањето од војска се вработив во Заводот за социјално осигурување Скопје, бидејќи бев нивен стипендист. Таму останав цели 12 години поради здравствени причини и релативно доцна почнав специјализација по Интерна медицина, на 12 март 1970 година, а завршив на 20 април 1973 година. Специјалистичкиот испит го поминав одлично кај акад. проф. д-р Димитар Арсов, проф. д-р Димитар Хросохо и проф. д-р Саве Миронски. Потоа се вработив во Здравствен дом Скопје, од 1 мај 1973 година, каде што променив неколку работни места во поликлиниките „Бит-пазар“, „Букурешт“ и најдолго останав во „Идадија“, цели 20 години. Примариус станав во ноември 1988 година, а се пензионирав во декември 1996 година – споделува доктор Пандилов.
Фото: приватна архива