X
 24.04.2023 Наша тема

„Се случува и по неколку дена да останам на клиника поради дежурства и итни операции“, вели Филип Стојковски, специјализант по дигестивна хирургија

Дваесет и осумгодишниот Филип Стојковски од Скопје е специјализант по дигестивна хирургија. Тој беше присутен на првата трансплантација на црн дроб во земјава, а за таа операција тимот беше награден со „Златна бубамара“. Со него поразговаравме за посветеноста на медицината, наоѓањето баланс меѓу учењето, работата и приватниот живот, оргнанодарителството, но и за состојбата на здравството во Македонија.

Филип завршил средно во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, по што решил да продолжи со медицината, па се запишал на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Во 2019 година ја зел дипломата в раце и, како и поголемиот број вљубеници во медицината, решил да продолжи со учењето и усовршувањето, па се заинтересирал за хирургија. Сега е специјализант по дигестивна хирургија.

- Љубовта кон хирургијата ми се јави уште во текот на средното училиште, односно во периодот кога се одвиваше практичниот дел од наставата и кога првпат влегов во операциона сала - вели Филип.


Филип Стојковски

Медицинската професија одзема доста време од секојдневниот живот, па затоа често предизвик е наоѓањето баланс меѓу работата, приватниот живот и учењето. Го прашавме Филип како успева да го менаџира своето време и со какви предизвици се соочува.

- Јас сум специјализант по дигестивна хирургија, втора година. Секој ден имам обврски на Клиниката за дигестивна хирургија, каде што имам чест да учам и да работам под менторство на професорот д-р Никола Јанкуловски, како и извршување турнуси кои се дел од специјализацијата на другите хируршки гранки. Обврските се секојдневна грижа за пациентите од хоспиталниот дел, амбулантски прегледи, работа во операциона сала и дежурства, како на Клиниката за дигестивна хирургија така и на ургентниот хируршки центар, кои често се и десетина во еден месец. Навистина е потребна голема умешност и поддршка од најблиските околу менаџирањето на специјализантскиот и приватниот живот, па искрено им се заблагодарувам за тоа. Колку време посветувам, тоа е секогаш различно, се случува и по неколку дена да останам на клиника поради дежурства и итни операции. Со сигурност можам да кажам дека медицината ми одзема најмалку половина од еден просечен ден - вели тој.



Во ноември 2022 година беше извршена операција за пресадување црн дроб од починат донор на 60-годишно лице со успешен крај. Во неа учествуваа доктори специјалисти, екипи од Клиниката за гастроентерохепатологија, како и анестезиолози од КАРИЛ. На мисијата на трансплантација на црн дроб присуствувал и Филип, кој будно го следел процесот на работа. Тимот беше награден со „Златна бубамара за достигнување на годината“.

Филип ни раскажа за тоа искуство.

- Првата трансплантација на црн дроб од починат донор самостојно ја изврши тим на доктори од Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје. Самата интервенција се состои од експлантација, односно вадење на органот од донорот, соодветна подготовка, а потоа трансплантација на органот на реципиентот, односно пациентот кој го прима тој орган. Целокупното времетраење беше околу 6 часа. Предизвици секогаш има бидејќи и покрај технички совршено извршена операција, како што беше оваа, неопходна е предоперативна, нега за време на операцијата и постоперативна нега на пациентот од страна на медицинските сестри, тимот анестезиолози од КАРИЛ, екипи од Клиниката за гастроентерохепатологија итн. Навистина е голема честа што ја имав - да присуствувам таму, во тие историски моменти - раскажува Филип.

(Фото: Министерство за здравство)

Како што ни сподели тој, следењето одблизу на оваа операција досега му било најпредизвикувачкото искуство во неговата кариера, а е од огромно значење за македонското здравство. Меѓутоа, покрај оваа операција, редовните хируршки зафати што се одвиваат на Клиниката за дигестивна хирургија, како ресекции на дебелото црвено, желудник, црн дроб, жолчни патишта и друго, се дел од неговото секојдневие и дополнителен стимул за надградба во ова поле.



Трендот на органодарителство зема сѐ поголем замав во Македонија, но дали нашата држава е доволно моќна да им парира на земјите од регионот? Филип ни потврди дека овој тренд во Македонија е сè поактуелен и дека благодарение на строго професионалниот кадар, државата може да се гордее со ваквите медицински зафати.

- Судејќи по извршените зафати за пресадување органи во изминатиов период, го потврдува тоа. Веќе одамна е активна трансплантацијата на бубрези, а има и неколку трансплантации на срце. Треба да се гордееме и да го цениме македонското здравство бидејќи од аспект на кадровскиот капацитет - постојат врвни професионалци. Но, сепак, не зависи сѐ од хирургијата, многу е важно да се подигне свеста на граѓаните за органодарителство, колку е тоа важно и колку животи може да се спасат. Ќе ја искористам оваа пригода да испратам апел да ја зголемиме свеста дека со трансплантација и органодарителство се спасуваат животи - споделува Стојковски.


Покрај медицинските успеси што се редат во македонското здравство, има и доста недостатоци на кои медицинските работници обрнуваат внимание, како што е проблемот со склучување договори на дело и немањето здравствено осигурување.

- Недостигаат многу работи. Би го издвоил конкретно статусот на приватен специјализант, каков што сум јас. Тој е регулиран со договор на дело, без пензиско и без здравствено осигурување, што е малку апсурдно, ние секојдневно да укажуваме здравствена заштита, а самите да сме без здравствено осигурување. Исто така, секојдневно работиме на нашите матични клиники за далеку потпросечни примања. Потребно е да се регулира нашиот статус со закон. Мислам дека заслужуваме да добиеме соодветен третман кој би придонел за задржување на младите лекари во Македонија. Потоа, за пример би го издвоил периодот од дипломирањето до можноста за вработување, нè делат неколку стажански пракси од по 6 месеци, со што се губат 1 до 2 години. Тоа влијае малку депримирачки за младите лекари. Исто така, работењето, како и самото вработување во специјалноста која е преферирана, најчесто е тешко да се реализира - вели тој.

Поради овие искушенија при работата, честопати се јавува идејата за усовршување во струката на некое друго место во светот, но Филип одлучил да остане во Македонија и да се грижи за здравјето на најблиските.

- Простор за напредок има, но сепак сè зависи од личното залагање, доколку многу се сака, има можност за да се стаса далеку во кариерата на полето на хирургијата. Мојата желба е да останам во Македонија, да се посветам на работата и грижата за здравјето на нашите сограѓани. Некогаш колебливо размислувам да им се приклучам на колегите кои во не толку мал број веќе го применуваат стекнатото знаење насекаде во светот, но сепак на крајот од денот победува желбата да останам тука, да помогнам и да го дадам придонесот за зачувување и напредување на здравјето на нашите најблиски - заклучува тој.

Фото: приватна архива

Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема