X
 03.08.2019 Наука

Телефоните, пораките и правописот: Дали точката е знак дека сме непристојни?

Во денешно време во кое испраќањето кратки пораки е доста често, еден обичен интерпункциски знак може да се толкува на доста различни начини.

Како би се чувствувале ако на другар/ка му/ѝ испратите порака со покана за вечера и добиете ваков одговор: Добро звучи.

Загрижено? Навредено?

А што ако ги добиете следните одговори:

добро звучи

или

добро звучи!

Гречен Мекалох, експертка за употреба на јазикот и интерпункциските знаци на интернет, вели дека сè повеќе луѓе ги доживуваат речениците со точка как непристојни, а за тоа е виновен и начинот на кој ги користиме апликациите за допишување.

- Ако сте млада личност и испратите некому порака, денес е правило дека секоја мисла треба да ја испратите посебно - објаснува Гречен.

- Важно е да испратите минимум зборови во една порака. Сето она што го надминува тој минимум бара дополнително објаснување - додава таа.

Во истражување што во 2015 година го спровел Универзитетот Бингамтон, учествувале 126 студенти, како еден од заклучоците се наведува дека луѓето на точката на крајот од реченицата гледаат како на помалку искрена изјава во однос на оние без точка.

Кога зборуваме, онаму каде што ја завршуваме реченицата обично го спуштаме гласот и тој момент носи одредено значење и доза на сериозност.

- И тоа е во ред ако пишувате сериозна порака. Проблемот е кога имате позитивна порака и точка на крајот. Тогаш точката на некој начин носи пасивно-агресивно чувство - вели Гречен.

Како тогаш да знаете дали некој е навистина изнервиран или ја користи точката на традиционален начин?

Ерика Дарикс, професорка по лингвистика на Универзитетот Астон во Бирмингем, вели дека сè зависи од контекстот на реченицата.

- Ако вие и вашите пријатели обично не користите точка, а потоа наеднаш некој почне да ја користи, тогаш веројатно тоа значи дека се обидува да каже како се чувствува - вели Даркис. Таа вели дека и годините често влијаат на начинот на кој луѓето користат точка.

Имено, помладите луѓе почесто пишуваат пораки со една реченица без точка.

Мрзеливост или јазична креативност?

Честото користење на неформална граматика, односно сленг, доведува до дискусија за тоа дека луѓето стануваат мрзеливи.

Но, Мекалох вели дека онлајн пораките ги принудува луѓето да најдат нови начини за изразување на емоции без употреба на говорот на телото или гласот.

- Уште во 16. век имало предлози да се воведе интерпункциски знак за иронија. Но, ниеден не бил прифатен. За само неколку децении онлајн комуникација, смисливме разни начини да покажеме дека сме иронични или да изразиме друго чувство - вели таа.

На пример, акронимот „LOL“ (laughing out loud, односно гласно смеење) може да се користи на саркастичен начин, а постојат и разни емоџи.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука