Германија е прва земја на ЕУ во која тестот за коронавирус ќе биде задолжителен за многу патници: од следната недела, сите што доаѓаат од „ризични области“, ќе мора да бидат тестирани при влегувањето во земјата.
А што со другите земји-членки на ЕУ? Бидејќи кон средината на јуни беше препорачано нормализирање на патничкиот сообраќај во ЕУ, секоја земја смисли свои правила. Нив можете да ги најдете на веб-страницата на Европската комисија.
Секоја на свој начин
Шведска и Грција немаат ограничувања за влез на патници од земјите на ЕУ. Летонија бара од луѓето кои доаѓаат од Белгија 14-дневен карантин. Белгија пак, за возврат, ја класифицира Летонија како „портокалова ризична област“. Се препорачува карантин, но не е задолжителен. Притоа, забрането е влегување на луѓето од одредени области на Португалија и Шпанија.
Листата на ограничувања на патувања е долга бидејќи секоја земја има свои правила и дефиниции.
Што е ризикот?
Фактот дека не постои заедничка дефиниција за „ризична област“ придонесува за забуната. Во Германија, за ова одлучува државниот Институт „Роберт Кох“: Така, во ЕУ единствено Луксембург се класифицира како „ризична област“, а Северна Шпанија не.
Многу држави ги сметаат Романија и Бугарија како жаришта на вирусот и воведоа соодветни ограничувања за овие земји.
Европската агенција за контрола на инфекции во Стокхолм се обидува да создаде преглед на ситуацијата, да собира податоци од сите земји-членки и да презентира карта по регион и стапка на инфекција на дневна основа. Според оваа карта, Фландрија (Антверпен), Луксембург, Шведска како и делови од Романија и Бугарија Германија, Италија, Франција, балтичките земји и Грција во последните 14 дена забележале помалку од 20 нови инфекции на 100.000 жители.
Ова се вредностите што агенцијата за контрола на инфекции ги претставува како мерило. Сепак, ни тука работите не се единствени, со оглед на тоа што во некои земји мерилото е 16, а во некои 50 заразени на 100.000 жители.
Фото: Freepik
Зехофер: Нема затворање на границите
Еден поглед на картата на агенцијата покажува дека само во одредени региони, но не и цели земји, е зголемена стапката на инфекција со коронавирусот. Затоа нема смисла да се затворат границите за цели држави. Поважно е да се детектираат и изолираат регионалните жаришта, како и да се пронајдат прекуграничните ланци на инфекции.
Бидејќи, државите на ЕУ по затворањето на границите во март, април и мај, научија дека во случај на нов бран, ќе делуваат регионално. Затоа германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зхофер изјави дека нема да има повторно затворање на границите или засилени гранични контроли.
- Во политичка смислам, имавме огромни проблеми - изјави тој.
Но, не се проблем патувањата, туку однесувањето на туристите во земјите каде го поминуваат одморот, како и однесувањето на луѓето дома, велат експертите за пандемија.
Прв или втор бран?
На прашањето дали ЕУ веќе ја зафати вториот бран на пандемијата, не е лесно да се даде одговор. Но, јасно е дека бројот на заразени има тенденција да се зголеми. Сепак, сè уште е далеку од ситуацијата како што беше во март и април, кога имаше 35.000 нови инфекции на ден. Денес, се регистрираат 10.000 нови инфекции дневно. Најниската стапка беше на крајот на јуни - 5.000 позитивно тестирани за еден ден.
Кога ќе се спореди со другите региони во светот, ситуацијата во Европската унија е подобра. Деновиве, околу 200.000 луѓе на ден се заразуваат низ светот. Најголем број на инфекции има во Америка и Азија. Од вкупно заразени луѓе низ светот, 5 отсто се регистрирани во ЕУ.
Речиси отсечени од целиот свет
Бројките покажуваат дека во Германија, речиси сите земји надвор од ЕУ се класифицирани како „ризични области“. Патувањето во САД, Бразил, Индија или Јужноафриканската Република не се препорачува во никој случај. Повратниците од овие земји мораат да одат во карантин, а од наредната недела ќе мораат и да се тестираат.
Правилата за патувања во земјите-членки на ЕУ не се единствени. Многу земји
дозволуваат да влезат луѓе од земји како Канада, Австралија, Уругвај или Тајланд. Наспроти тоа, Унгарија, Полска, Белгија и Летонија забрануваат влез на лица од наведените земји. Границите на овие земји се целосно затворени, додека, на пример, Португалија дозволува влез на лица од САД и Бразил под одредени услови.
Според тоа, Европската унија е далеку од единствени правила за патувања во време на короната. Европската комисија во Брисел може само малку да ги координира и собира податоците. Бидејќи, како и досега, секоја држава сама е одговорна за правилата за здравствена заштита и граничните премини.
Специјален комитет се состанува во Брисел на секои 14 дена за да разговара за олеснување на патните ограничувања, на пример во САД, Русија, Кина или Србија. Речиси нема надеж за брза нормализација, е мислењето на еден официјален претставник на Европската унија.
- Сè додека вирусот е таму, сè ќе остане затворено - вели тој.
Фото: Freepik