Нови пожари и понатаму се појавуваат во амазонската прашума и покрај неодамнешните напори на бразилската влада за запирање на дефорестацијата во регионот.
Бразилскиот Национален институт за вселенски истражувања (ИНПЕ) објави сателитски податоци кои покажуваат дека во текот на 48 часа откако бразилската влада го забрани палењето во четвртокот имало 3.859 нови пожари, од кои околу две илјади биле во Амазон.
ИНПЕ исто така извести дека од вкупно 88.816 пожари во Бразил оваа година, 51,9 отсто биле во дождовните шуми.
Минатиот месец имаше глобални реакции поради пожарите во Амазон, а реагираа и славни личности. Сепак, бразилските власти одбиваа помош и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро истакна дека неговата земја ќе ги прифати 20. милиони долари помош од Г-7 под услов францускиот претседател Емануел Макрон да се извини затоа што рекол дека тој е
безобразен.
Повеќето пожари се подметнати од фармерите со цел правење место за нивните посеви. Во меѓувреме, на домородното население му исчезнува земјиште со алармантна брзина.