X
 19.04.2018 Култура

Пет руски писатели за кои не сте учеле во училиште

Толстој, Достоевски, Пушкин, Горки, Есенин, Чехов... Некои од овие значајни руски писатели се дел од задолжителната литература и лектири што се обработуваат во нашите училишта. Дополнително, некои од нас се сретнале и со Булгаков, Пастернак, Ахматова, Цветаева и Набоков, но и овие пет руски писатели од различни епохи заслужуваат свое место во светот на книжевноста, а поради различни причини, ретко кој имал среќа да се сретне со нивните дела

Леонид  Андреев

Кога илјадници убиваат еден човек, значи, победил тој. („Приказната за седумте обесени“)

Овој современик на Толстој се смета за првиот експресионист во руската книжевност. Проблемот на смртта, состојбата на човечката душа во моменти на криза, песимизмот, испитувањето на границите на разумот, прашањето на самоубиството и силата на човечката личност претставуваат стожер на творештвото на Леонид Андреев.

Пишувал драми, раскази, романи, го дефинирал „театарот на панпсихизмот“ –  сè што се случувало на сцената морало да има цел да го пренесе внатрешниот свет на јунаците. Човечката мисла во своите страдања, радости и борби, тоа е вистинскиот јунак на современиот живот, сметал Андреев.

Максим Горки го открил и го промовирал како писател, но подоцна го отфрлил поради претераниот мистицизам и песимизам. Врз неговото творештво уочливо е влијанието на филозофиите на Шопенхауер, Ниче и Хартман.

„Андреев го будеше разумот, ја будеше грижата за човечките души.“

Иван Бунин


Никој ништо не разбра затоа што луѓето и натаму главно се чудат и никако не сакаат да поверуваат во смртта. („Господинот од Сан Франциско“)

Бунин е првиот руски добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1933 година. Како убеден противник на болшевизмот, во 1920 година го напуштил Советскиот Сојуз и заминал во Франција, каде што станал еден од најзначајните руски автори што емигрирале.

„Господинот од Сан Франциско“, „Животот на Арсенев“ и збирката раскази „Темните дрвореди“ спаѓаат во неговите најуспешни дела.

Поради неговиот гласен став против револуцијата, што за Бунин претставувала само крвава игра за замена на местата, некои дела, како „Проклети денови“, во Русија се објавени дури по перестројката. Денес, неговите дела се задолжителна лектира во сите руски училишта.

knigi
Фото: Freepik

Евгениј Замјатин

Идеалот е таму каде што ништо веќе не се случува. („Ние“)

Писател, публицист, книжевен критичар и сценарист кој бил активен во текот на дваесеттите и триесеттите години од минатиот век. Го дефинирал „неореализмот“ во книжевноста објаснувајќи дека писателите-реалисти се занимаваат со прикажување на реалноста што е видлива со голо око, за разлика од писателите-неореалисти, кои се занимаваат со вистинската реалност, онаа што е скриена зад површината на животот.

Иако бил многу ангажиран во областите на теоријата на преведувањето, книжевниот јазик, ритамот во поезијата, човекот кој го воведе терминот „синтетизам“ во книжевноста и ги објасни термините „енергија“ и „ентропија“, во историјата на светската книжевност останува запаметен како авторот на првиот ентрописки роман „Ние“, објавен во 1921 година.

Пишувајќи за Единствената држава во далечната иднина, која настанала по двестегодишна војна, во која луѓето се нарекуваат по броеви, а живеат во стаклени домови за полесно да бидат следени и го негуваат култот на личноста на врховниот водач, кој се нарекува Добротвор, Замјатин упатува јасна критика не само на советскиот тоталитаризам, туку на сите тоталитарни системи.

Совршеното општество, за кое пишува тој, го пропагира колективното наместо индивидуалното, разумот наместо емоциите и апсолутно непостоење на приватност.

Романот до 1988 година бил забранет во Русија, а писателот во 1931 година со писмено одобрување од Сталин го напуштил Советскиот Сојуз и трајно се отселил во Париз.

Иван Вирипаев

Кога сакаш, секогаш се тркалаш по подот, затоа што земјата ти бега под нозете. („Пијан“)

Вирипаев е современ драмски писател, режисер, сценарист, активен од средината на  деведесеттите години на 20 век. Добитник е на многу руски и меѓународни награди за театарска уметност, меѓу кои и германската награда за најдобар драматург во 2009 и човек на годината во Полска, 2010 година.

За драмите „Пијан“ и „Илузии“ доделена му е наградата „Олег Табаков“ – „за талентирано и тврдоглаво прикажување на нашиот живот во нови драмски форми“.

Проблемите на блискоска, меѓучовечките односи, животните приоритети, смислата на постоењето, љубовта, смртта, односот на човек кон Бог, претставуваат централни теми на овој автор, честопати поставени со доста хумор, ненормативна лексика и модерна музика – го прават поврзувањето на публиката со драмскиот текст уште поинтензивно.

Вирипаев нема обичај да ги интерпретира своите текстови. „Смислата е во тоа што го гледаш. Тоа е сè. А кој што гледа, тоа е веќе прашање.“

Виктор Пелевин

Вие ги мешате поимите. Трагедијата не се случува СО уметник или со машиновозач, туку ВО УМОТ на уметникот или на машиновозачот. („Чапаев и празнина“)

Мислењата на книжевната критика за творештвото на Пелевин се поделени, но неоспорно е неговото место меѓу највлијателните руски автори на денешницава.

Поради неговото сокривање од медиумите, избегнувањето интервјуа и отсуство од социјалните мрежи, едно време постоеја теории дека Виктор Пелевин едноставно е псевдоним зад кој се крие можеби и група автори.

Покрај непресушните алузии и поигрување со историјата на руската книжевност и одличното познавање на духот на својот народ, Пелевин успева да ги усогласи гогољевските фантазмагорични мотиви со сурово веродостојната слика на современото општество – криминалци, бизнисмени, политичари, наркомани, програмери, кои ги прикажува со автентичен хумор и иронија.

Без оглед на личните преференции, на Пелевин му успеа она што ретко на кого му поаѓа од рака - да изгради свој препознатлив стил, а притоа да не пишува крими-романи и епска фантастика.

Фото: Freepik
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура