Драмата за серискиот убиец Џефри Дамер на „Нетфликс“ има огромна гледаност, но и критики од луѓето кои велат дека е нечувствителна.
- Како Афроамериканци, треба да ја бојкотираме серијата. Она што тој им го правел на афроамериканските деца е болно - изјави раперот Бузи Бедез на неговиот твитер-профил.
Дамер убил 17 момчиња и млади мажи, од кои многумина биле црнци и хомосексуалци, во периодот од 1978 до 1991 година.
Сестрата на една од неговите жртви ја опиша серијата како сурова и невнимателна. Рита Исбел, чиј брат Ерол Линдзи имал 19 години кога бил убиен, дала емоционална изјава пред судот во 1992 година, но рече дека не била информирана дека ќе биде искористена во серијата на Рајан Марфи.
- Кога видов дека мојата изјава е дел од серијата, особено кога се видов себеси и моето име на екранот, навистина ми пречеше - изјави таа додавајќи дека „Нетфликс“ треба дел од заработените пари од серијата да им ги подели на децата и внуците на жртвите.
- Ако серијата ми донесе некаква корист, немаше да биде толку тешко. Тажно е и алчно што тие заработуваат пари од оваа трагедија - вели таа.
Злосторствата на Дамер вклучувале и канибализам и некрофилија. Тој беше осуден во 1992 година, а две години подоцна беше убиен в затвор.
Ени Шварц, новинарка која ја објави приказната за неговите злосторства во 1991 година, изјави дека стриминг-серијата ја жртвувала точноста заради драмата.
Поранешен крими-новинар изјави дека серијата нема голема сличност со фактите за случајот.
Рекордни оцени
„Нетфликс“ беше критикуван затоа што првично ја категоризира како ЛГБТ-серија. Таа ознака подоцна беше отстранета.
Контроверзноста не ја спречи серијата да ги забележи највисоките бројки на гледаност во првата недела за нова серија уште од самите почетоци на системот за рангирање во јуни 2021 година.
Серијата, во која Еван Питерс го глуми Дамер, беше гледана 196,2 милиони часа во првата недела, а моментално е број еден серија на „Нетфликс“ во повеќе од 60 земји.
Во официјалниот синопсис на серијата пишува дека ги разоткрива несовесните злосторства, центрирани околу жртвите и нивните заедници погодени од системски расизам и институционалните неуспеси на полицијата, што му дозволија на еден од најозлогласените американски сериски убијци да продолжи да убива повеќе од една деценија.
Фото: Screenshot/YouTube