X
 18.12.2022 Култура

Последните денови на принцезата Дијана: Што нѐ очекува во шестата сезона од серијата „Круната“?

Последната сезона на „Круната“, чие снимање е во тек, ќе опфати уште еден бурен период на кралското семејство, почнувајќи со смртта на Лејди Ди во 1997 година и продолжувајќи во 21 век.

Што знаеме за шестата сезона на „Круната“?

„Нетфликс“ пред две години објави дека оваа серија ќе заврши со шест сезони.

Иако креаторот на серијата, Питер Морган, првично ја претстави серијата како шест долги сезони, тој реши да ја прекине по само пет сезони. Подоцна се врати на првичниот план за да ги оправда богатството и сложеноста на приказната.

Пауза во снимањето


Публиката ќе мора да почека најмалку една година за да пристигне последната сезона на „Круната“.
Снимањето на шестата сезона започна во септември со две кратки паузи поради смртта на кралицата и сè уште е во тек. Најверојатно новите епизоди ќе бидат премиерно прикажани кон крајот на 2023 година или најрано на почетокот од 2024 година.

Главните актери остануваат


Во последната сезона ќе играат и главните актери од петтата сезона на серијата. Елизабет Дебицки ќе се појави и како Дијана во сцените што ги прикажуваат последните денови од животот на покојната принцеза.

Што се однесува до новите актери, ќе ги видиме и оние што ќе ги глумат принцот Вилијам и принцезата Кејт кога биле млади. Мег Белами ќе ја глуми Кејт, додека актерите Руфус Кампа и Ед Меквеј ќе го глумат Вилијам во различни периоди од неговиот живот.

Сѐ уште не се знае за тоа кој ќе го глуми принцот Хари.

krunata
Фото: Screenshot/YouTube

Заплетот на новата сезона

Засега не знаеме дали шестата сезона ќе почне со летото 1997 година, бидејќи петтата заврши непосредно пред првата средба на принцезата Дијана и Доди Фаед.

Остатокот од сезоната ќе ги прикаже следните десет години од животот на кралското семејство, вклучувајќи ја и првата средба на Вилијам и Кејт, како и мандатот на Тони Блер како премиер.

Серијата, исто така, најверојатно ќе ја прикаже смртта на принцезата Маргарет и на мајката на Елизабет во 2002 година, што се случија во неколку месеци за време на златниот јубилеј на кралицата Елизабета Втора.

Во шестата сезона ќе има едно значајно враќање во минатото. Исто така, Морган потврди дека серијата нема да продолжи до денес и дека во неа нема да биде прикажана врската на принцот Хари и Меган Маркл.

Правилото од 20 години

Во едно интервју авторот рече дека користи еден вид „правило од 20 години“, претпочитајќи настаните за кои зборува да се случиле најмалку 20 години во минатото.

- Мислам дека со текот на времето работите стануваат поинтересни. Меган и Хари се на средината на своето патување и не знам какво е нивното патување и како ќе заврши. Многу поудобно ми е да пишувам за работи што се случиле пред најмалку 20 години. Тоа е доволно време и доволно растојание нешто навистина да се разбере, да се разбере неговата улога, релевантност и позицијата - изјави авторот на серијата.

Додека шестата сезона ќе ги вклучи неделите пред прераната смрт на принцезата Дијана, како и емотивните последици, „Нетфликс“ потврди дека продукцијата пристапува кон нејзината фатална сообраќајна несреќа на многу внимателен начин.

Претставник на „Нетфликс“ потврди дека точниот момент на сообраќајката нема да биде прикажан.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура