X
 19.08.2022 Живот

„Камења на гладот“ се појавија во неколку европски реки поради сушата

Европа моментално се соочува со интензивна суша која се заканува да стане најлошата во последните 500 години, што доведе до пресушување на речните корита и појава на скриени историски реликвии.

Периодот на интензивна суша што го зафати поголемиот дел од Европа летово имаше негативно влијание врз водостојот на реките придонесе за нивно повлекување, што резултира со многу откритија. Меѓу нив е каменот издлабен пред неколку века кој имал цел да ги предупреди идните генерации на тешки времиња.

На реката Елба се појавиле стари карпи со натписи, познати и како „камења на гладот“. Истражувачите велат дека натписите датираат од 1616 година и содржат предупредување на германски јазик кое гласи: „Venn du mich seehst, dann veine“ што во превод значи: „Ако ме видиш, тогаш плачи“.

Во истражување објавено во 2013 година, чешки истражувачи кои се занимавале со нивна анализа напишале дека биле изрезбани во тешки години поради што луѓето сакале да предупредат за последиците од сушата. Натписот објаснува како поради сушата дошло до лоша жетва, недостиг на храна, високи цени и голем глад во 1414, 1616, 1707, 1746, 1800, 1811, 1830, 1842, 1868, 1892 и 1893 година.

Овие „хидролошки знаменитости“ последен пат можеа да се видат во 2018 година. Сепак, според некои податоци, сегашната суша што владее низ Европа би можела да биде најлошата во последните 500 години.

Истражувачот Андреа Торети од Европската комисија изјави дека во последните 500 години ниеден настан не бил сличен на сушата од 2018 година. Но, како што додаде, негово мислење е дека оваа година ќе биде уште полоша со оглед на тоа што постои ризик лошите временски услови да продолжат во наредните три месеци.

Сè поголем број истражувања ги поврзуваат почестите и поинтензивни периоди на суша со климатските промени, како резултат на кои има зголемување на глобалната температура и промени во врнежите. Според Европската опсерваторија, 47 отсто од европската територија во моментов е под предупредување за суша, што значи дека има недостиг на влага во почвата.

„Камењата на гладот“ се единствените скриени реликвии што се појавија во изминатите неколку недели во европските реки поради сушата. Повлекувањето на водата поради климатските промени го откри и скриениот мост на Нерон во реката Тибар.

Извор: National Geographic
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот