X
 20.07.2026 Живот

Сахара нагло почна да се шири кон Европа, научниците откриваат колку е опасно тоа

Ако погледнете кон небото во маглив ден во Атина, Неапол, Мадрид, можно е всушност да гледате ситни честички кои преминале илјадници километри – од африканската Сахара стигнале сè до Европа. Додека Европа во последните децении успешно го намалуваше загадувањето на воздухот предизвикано од сообраќајот и индустријата, научниците предупредуваат дека сè поголем проблем станува природниот извор на лебдечки честички – пустинската прашина.

Ново истражување, објавено во научното списание „Нејчер“, покажува дека количеството на сахарска прашина во европскиот воздух значително се зголемило меѓу 2012 и 2021 година. Научниците притоа користеле вештачка интелигенција за да го следат движењето на пустинските честички низ целиот континент и да ги споредат нивните концентрации со другите извори на загадување на воздухот.

Сахарската прашина сè почесто ја покрива Јужна Европа

Резултатите од истражувањето покажуваат дека во текот на набљудуваниот период нивоата на ситни честички настанати од сообраќајот и индустријата се намалувале, додека истовремено дошло до значителен пораст на количеството пустинска прашина, особено во јужните делови на Европа. Прашината потекнува од пустината Сахара во Северна Африка, од каде што ветровите ја пренесуваат преку Средоземното Море. Најприсутна е над Јужна Шпанија, Португалија, Италија, Балканот и Грција.

Сахара се шири, а климатските промени дополнително ја влошуваат ситуацијата


Според научниците, главната причина за зголемувањето на количеството пустинска прашина е постепеното ширење на Сахара. Како последица на природните климатски циклуси, но и на глобалното затоплување, најголемата жешка пустина на светот продолжува да се шири. Се проценува дека во текот на 20 век Сахара ја зголемила својата површина за приближно 10 проценти, а тој тренд продолжува и денес.

Раководителот на проектот од Центарот за енергетика и науки за животната средина на Институтот Пол Шерер во Швајцарија, Каспар Деленбах, истакнува дека сè уште не е можно со сигурност да се одреди колкав е точно придонесот на климатските промени предизвикани од човекот во овој процес.

- Сè уште не е конечно разјаснето во која мера климатските промени предизвикани од човечкото дејствување придонеле за овој развој или дополнително го засилиле - изјавил Деленбах во соопштението.

Тој додаде дека моменталните научни согледувања укажуваат дека емисиите на стакленички гасови и глобално затоплување барем го олеснуваат зголемувањето на количеството пустинска прашина.

- За зголемувањето на количеството пустинска прашина придонесуваат емисиите на стакленички гасови произведени од човекот и поврзаното глобално затоплување. Тоа доведува до посуви услови во одредени региони и ширење на пустините - објаснува тој.



Бурите не се помногубројни, но станаа значително посилни

Освен ширењето на Сахара, важна улога имаат и променетите обрасци на кружење на воздухот во атмосферата, кои предизвикуваат посилни ветрови над Средоземјето. Главниот автор на истражувањето ,Петрос Василакос, нагласува дека бројот на бури што пренесуваат сахарска и арапска прашина не е зголемен.

-Бројот на бури што ни носат пустинска прашина од Сахара и Арапската Пустина всушност не се зголеми. Меѓутоа, во текот на десетте години опфатени со истражувањето тие станаа поинтензивни, па денес во Европа пренесуваат значително повеќе прашина од порано - изјави Василакос.

Последици врз здравјето

Едно од најважните прашања што произлегуваат од истражувањето се однесува на можните последици од зголеменото количество сахарска прашина врз здравјето на луѓето.

Научниците предупредуваат дека ситните честички сахарска прашина можат да продрат длабоко во белите дробови и да предизвикаат воспалителни процеси, оксидативен стрес и оштетување на ткивото. Како последица на тоа, тие би можеле да го зголемат ризикот од срцев удар и респираторни заболувања, вклучувајќи ја и астмата. Сепак, истражувачите истакнуваат дека целосните ефекти од овој феномен ќе бидат познати дури по долгорочните здравствени истражувања.

Во меѓувреме, тие веруваат дека методите засновани на вештачка интелигенција ќе овозможат значително попрецизно следење на движењето на сахарската прашина во реално време.

- Додека класичните модели се успешни во предвидувањето на силните епизоди на пустинска прашина, тие ретко ги препознаваат помалите настани и тешко ја прецизираат концентрацијата на прашина при земјата - вели Деленбах.

Тој додаде дека со комбинација на реалните мерења од повеќе од сто локации низ цела Европа и вештачката интелигенција, успеале да ги надополнат постојните модели и да изработат доверлива карта на концентрацијата на честичките од сахарската прашина за цела Европа, што може да биде од големо значење за следење на нејзиното влијание врз здравјето на населението.

Резултатите од истражувањето укажуваат на тоа дека сахарската прашина во претстојните години би можела да стане еден од поважните фактори кои влијаат врз квалитетот на воздухот во Европа.

Извор: klik
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот