Истражувачите неочекувано откриле дека луѓето постари од 65 години што примиле барем една вакцина против грип имаат 40 отсто помали шанси да добијат Алцхајмерова болест четири години подоцна.
Рано е да се донесат заклучоци за можна директна врска помеѓу вакцината и болеста, односно не се знае дали самата вакцина против грип или нешто друго придонело за резултатите. Сепак, резултатите покажале дека процентот на лица што добиле Алцхајмерова болест, а претходно биле вакцинирани, изнесува 5,1, во споредба со 8,5 отсто кај невакцинираните.
Според Аврам Бакбајндер, автор на истражувањето, заштитниот ефект на вакцината бил посилен доколку личноста примала вакцина против грип повеќе години. Со други зборови, процентот на лица што заболеле од Алцхајмерова болест е најмал кај оние што редовно се вакцинирале против грип.
Фото: Pixabay
Идните истражувања треба да покажат дали вакцината игра улога и во развивањето на симптомите кај лицата што веќе имаат Алцхајмерова болест.
Според Пол Шулц, коавтор на истражувањето, има докази дека повеќе вакцини можеби штитат од Алцхајмерова болест, па затоа можеби не станува збор за ефект само од вакцината против грипот.
- Веруваме дека имунолошкиот систем е комплексен и дека некои промени, како пневмонија, може да го активираат на начин што ја влошува Алцхајмеровата болест - изјавил Шулц.
Извор:
Futurism
Насловна фотографија: Pixabay