X
 03.12.2021 Живот

Ова е најмалиот затвор на светот - казна служат пијани возачи на трактори и на велосипеди

Островот Сарк, кој се наоѓа во југозападниот дел на Ла Манш, во близина на францускиот брег, е долг околу 5 километри и широк околу 2,5 километри, но и покрај неговата големина, има долга и живописна историја и многу посебни карактеристики. Првпат се споменува во 1040 година, кога Вилијам Нормандијански ѝ го подарил на опатијата Мон-Сен Мишел.

На Сарк нема автомобили или улични светла. Ова значи дека единствен начин да се движите околу островот е пеш, на коњ или со велосипед. Сарк е единственото место во светот каде што дури и противпожарни возила и амбулантни возила ги влечат трактори или коњи. На постарите и болните им е дозволено да користат адаптирани возила на батерии, а од моторните возила може да се видат само неколку трактори.

2

Сепак, најголемата карактеристика на островот е затворот, надалеку познат како најмалата казнено-поправна установа во светот. Малиот затвор со покрив од буре се состои од само две ќелии без прозорци, а пред нив поминува тесен коридор од еден метар. „Удобноста“ на ќелиите вклучува кревети со дрвени летви и тенки душеци.

Според судските овластувања дадени на островот во 16 век, затворот може да ги држи затворениците зад решетки до два дена. Ако делото е посериозно или казната треба да трае подолго, сторителот е испратен на соседниот остров Гернзи.

3

Еден од првите станари на затворот била млада жена обвинета за кражба на шамичето на нејзината господарка. Според приказната, девојката толку се исплашила од темните ќелии, што две локални дами решиле да седнат до неа и да разговараат додека не ја одлежи казната. Исто така, ѝ било дозволено да ја држи отворена вратата од својата ќелија поради страв од темнината.

Колку и да изгледа неверојатно, најмалиот затвор на светот се користи и денес, но сегашните типични „станари“ се пијани сезонски работници и туристи, кои ја минуваат ноќта во една од двете ќелии додека не се отрезнат.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Atlas Obscura
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот