X
 18.03.2024 Живот

Хрватска воведува казна од една година затвор за напуштање миленик

Измените на кривичниот законик во Хрватска би требало да обезбедат домашните миленици да останат дома. Во иднина, кој ќе го напушти домашниот миленик, домашното животно или припитоменото животно, може да биде казнет со затвор до една година, а напуштањето на животните е воведено како ново кривично дело.

Од хрватското здружение „Пријатели на животните“, кое уште во 2021 година покрена петиција за воведување построги мерки за ова дело, велат дека ова е историска одлука.

- Веруваме дека фактот што по напуштањето животно може да завршат в затвор, ќе натера многумина кои размислуваат за тоа да се премислат. Покрај тоа, пред да земат домашен миленик, многумина ќе размислат што сѐ им треба, од храна, лекување, до задолжително чипување, вакцинација и кастрација - истакна Лука Оман, претседател на здружението.

Со измените на законот е предвидена и затворска казна до две години ако сопственикот го исфрли животното, а тоа потоа пцовиса. 

- Досега напуштањето на животните беше прекршок и реагираше ветеринарната инспекција, но сега на потег ќе бидат и обвинителството и полицијата - вели Татјана Зајец, директорка на Засолништето за незгрижени животни „Думовец“ во Загреб.

На злоупотребувачите може да им биде забрането чување и набавување животни, стои во новиот закон цитиран од здружението.

Оман додава дека луѓето често не размислуваат дека животните живеат и подолго од 15 години и дека се потребни пари, одрекувања и внимание.

Министерството за правосудство и управа во Хрватска оди во чекор со заштитата на животните во другите европски земји, наведуваат од „Пријатели на животните“. Освен што е прифатен нивниот предлог за построги казни, па и затвор, правосудните органи во Хрватска донеле и нова безбедносна мерка, а тоа е забрана за држење и набавување животни за осудени лица, во траење од една до пет години.

- Ова е важно бидејќи се случува злоупотребувачите на животни брзо да земат ново, кое исто така го малтретираат и така стануваат траен општествен проблем и закана - објаснуваат од организацијата.

Казната е поостра и за оние што малтретираат животни од користољубие. Казната е зголемена од две на три години затвор.

- Напуштањето на животните е монструозен чин и оној што ќе го направи тоа не е свесен дека животното не може да преживее само - велат од „Пријатели на животните“.

Автор: Јелена Субин
Извор: BBC
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот