X
 03.12.2023 Здравје

Какви сигнали ни испраќа телото кога постои проблем?

Треба да го слушаме нашето тело бидејќи често нѐ информира дали нешто може да тргне наопаку. Ако нешто не е во ред - на пример, имате промени и тешкотии во видот, говорот, одењето, размислувањето или комуникацијата, или имате болка во градите или отежнато дишење - треба веднаш да реагирате. Со овие симптоми не чекајте да видите дали ќе се чувствувате подобро. Ако се работи за мозочен удар или срцев удар, потребна ви е итна медицинска помош. Но постојат сигнали за умор или стрес кои ни ги испраќа телото на различни начини.

Телото ни испраќа сигнали дека му треба одмор

Не чувствуваме дека можеме да вежбаме. Дали треба да го прескокнеме тренингот? Размислете - дали чувствувате дека сè ве боли и дека сте исцрпени? Или повеќе ве привлекуваат каучот и омиленото ТВ-шоу? Ако е така, можеби ви треба ден за релаксација и одмор. Колку често ни треба одмор, зависи од тоа колку напорно работиме, што правиме и како се чувствуваме.

Некои болки во нашето тело се природни и се појавуваат како што старееме. Но, ако болката не исчезне, треба да се разговара со лекар.

Можеби сте „прегореле“

Ако сме под незапирлив стрес, тоа навистина може да нè исфрли од колосек. Може да забележите дека имате помалку енергија, главоболки, нервозен стомак или други симптоми. Сега ви пречат мали нешта кои порано речиси и не ги забележувавте. Ова може да бидат знаци дека треба да управувате со стресот. Во тоа може да ви помогнат вежбањето, позитивните врски, медитацијата, смеењето и одморот од она што предизвикува стрес.

Промени во апетитот

Ако јадете многу повеќе или многу помалку од вообичаеното, вашето тело можеби ви кажува дека нешто не е во ред. Можеби сте под стрес и јадете од емоционални причини. Или можеби сте депресивни и тоа ви го намалило апетитот. Некои состојби, па дури и стареењето, исто така можат да влијаат врз вашиот апетит.

Повреда или само воспаление на мускулите

Добриот тренинг може да доведе до благо воспаление на мускулите. Но, ако трае неколку дена, може да значи дека сте претерале, дека сте вежбале премногу или преинтензивно. Во тој случај, најдобро е да почекате да се вратите во нормала пред повторно да вежбате.

Проблеми со спиењето

Дали често се будите ноќе? Вашето тело можеби ви кажува дека ви треба повеќе сон. Прво, пробајте едноставни работи, како легнување и станување во исто време секој ден и спиење најмалку 7 часа навечер. Одржувајте ја вашата спална соба ладна, не гледајте телевизија и не проверувајте го телефонот пред спиење. Исто така, помага да се биде активен во текот на денот. Избегнувајте големи оброци и кофеин пред спиење. Ако сето ова не помогне, прашајте го вашиот лекар што може да биде проблемот.

Реакција на храна или алергија

Можеби мислите дека имате алергија на полен или нетолеранција на лактоза или глутен. Или забележувате дека вашата кожа одеднаш ве чеша и се суши. Треба да посетите лекар за да откриете дали навистина имате алергија или нешто друго ги предизвикува вашите симптоми.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје