X
 16.01.2024 Здравје

Причини поради кои кашлицата трае предолго

Веројатно сте забележале дека речиси сите околу вас кашлаат. Како причината за кашлицата да не може да исчезне, туку продолжува. За што се работи, т.е. кои се можните причини за хроничната кашлица, а кои се можните решенија, објаснува д-р Никола Стојковиќ, општ лекар, за српскиот медиум „Нова“.

Како што вели Стојковиќ, кашлицата е одбранбен механизам на нашиот организам кој овозможува исфрлање на секрет, туѓа содржина или микроорганизми кои влегуваат во респираторниот тракт. Понекогаш причините кои предизвикуваат кашлица можат да останат незабележани, а доколку не се отстранат, кашлицата добива хронична форма. Тој ги издвојува најчестите причини за хронична кашлица.

Алергии

- Во текот на зимата повеќе време поминуваме во затворени простории, а повеќе сме изложени на алергени кои можат да се најдат таму. Ако сте алергични на мувла, прашина и други вообичаени алергени, може да се соочите со постојана зимска кашлица. За да добиете помош, препорачливо е да контактирате со алерголог и да направите тест за алергија. На овој начин ќе дознаете на што сте алергични и како да се држите подалеку од тие алергени - вели д-р Стојковиќ.

Последици од инфекција

По тешки респираторни инфекции, како што се пневмонија и грип, по заздравувањето може да остане постојана кашлица.

- Може да трае со недели или дури месеци. Оваа продолжена кашлица, исто така, може да укаже дека може да има преостаната инфекција во вашето тело и потребни се дополнителни тестови за овие цели - вели докторот.

Астма

Астмата е една од честите причини за постојана зимска кашлица.

- Бидејќи предизвикувачи на напад на астма обично се студен воздух и надразнувачи, можно е сувата кашлица да биде присутна во текот на целата сезона. Она што им се советува на астматичарите е редовно да ја земаат терапијата, да избегнуваат да дишат студен воздух и да не доаѓаат во контакт со надразнувачи - вели тој.

Бронхитис

Бронхитисот е воспаление на респираторниот тракт, кое исто така може да има кашлица како еден од симптомите.

- Ако некое лице има хроничен бронхитис, во текот на зимата кога е сезона на настинки и грип, постои поголем ризик од повторување на оваа болест. Се препорачува редовно да се зема терапија, навремена терапија за настинки и грип, како и вакцинација против сезонски грип. Ако сте пушач, би било логично да размислите за откажување - смета д-р Стојковиќ.

Синузитис

Една од честите причини за хронична кашлица е воспаление на синусите.

- При ова воспаление секретите течат по задниот ѕид на фаринксот, што ја иритира слузокожата и доведува до кашлање. Оваа кашлица може да биде многу упорна и иритирачка. Покрај кашлањето, може да има и чувство на чешање и печење во грлото, засипнатост, затнат нос или ринореја. За дијагностички цели, препорачливо е да се консултирате со специјалист за можна компјутерска томографија на параназалните синуси - вели докторот.

Освен тоа, тука е и загадувањето на воздухот. Поради тоа, многумина често забележуваат влошување на нивните хронични заболувања, првенствено астма и хронична опструктивна белодробна болест.

Извор: Nova
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје