X
 04.02.2019 Образование

Меѓународна недела на Филозофски факултет. Интервју со продеканката проф. д-р Маја Геровска-Митев

Темата на Меѓународната недела е инспирирана од неопходноста наставно-научниот кадар да ги сподели искуствата со повеќекратните предизвици со кои се соочува во наставата и истражувањата

Петдневен меѓународен интердисциплинарен форум од 11 до 15 февруари ќе се одржи на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Преку предавања, промоции и дискусии ќе се одбележат активностите и соработките што Филозофскиот факултет ги остварува на меѓународен план. Околу 20 професори од универзитети во Европа и уште толку од Филозофскиот факултет од Скопје ќе одржат предавања и ќе дискутираат на генералната тема: „Предизвици во наставата и истражувањата во хуманистичките и општествените науки“. Во интервјуто за Факултети.мк, проф. д-р Маја Геровска-Митев, продеканка за наука и меѓународна соработка на Филозофскиот факултет во Скопје, објаснува што ќе донесе Меѓународната недела и воедно што ќе најави.



Што сè ќе се случува на Меѓународната недела, на која домаќин ќе биде Филозофскиот факултет во Скопје?

- Идејата за Меѓународната недела потекнува од потребата да им овозможиме на студентите поширока платформа за стекнување знаења и размена на мислења со професори и колеги од партнерски универзитети од Европа. Предавањата, промоциите и дискусиите со еминентни професори и предавачи од Европа, кои ќе бидат на англиски јазик, имаат цел да ги мотивираат студентите за пресретнување на големите општествени прашања преку соработка низ различни научни дисциплини, јазици и граници. Дополнително, темата на Меѓународната недела е инспирирана од неопходноста наставно-научниот кадар да ги сподели искуствата со повеќекратните предизвици со кои се соочува во наставата и истражувањата. Имено, балансирањето на предизвикот - да се биде наставник на новите генерации на студенти кои се кариерно фокусирани, кои имаат потреба од флексибилно студирање и потреба од пристап до лесно достапни дигитални алатки за учење, од една страна, и истовремено истражувач со обврски за следење на научните достигнувања, публикување во престижни списанија, учествување на научни конференции, пријавување на донаторски повици за финансирање на истражувачки проекти – е исклучително тешко. Во таа насока, покрај специјализираните теми на излагања, предавачите ќе ги споделат методите, пристапите и успешноста во соочувањето со споменатите наставно-научни предизвици.

Кој сè е поканет да учествува?

- Повикот најпрво беше упатен до сите партнерски Еразмус универзитети во Европа, со кои Филозофскиот факултет има потпишано Еразмус договор за соработка. Така, дел од професорите доаѓаат преку Еразмус програмата за мобилност. Друга група поканети професори се оние со кои Филозофскиот факултет во моментот има партнерски проектни соработки преку програмите Хоризонти 2020 и Еразмус програмата за стратешки истражувања во високото образование. И на крај, поканети беа предавачи со кои низ годините факултетот остварил многубројни меѓународни соработки и кои ни се континуирани поддржувачи и партнери во наставата и истражувањата. Но, поканети се и ќе присуствуваат и неколку нови соработници и предавачи со кои првпат ќе оствариме соработка, отворајќи на тој начин нови можности за продлабочување на меѓууниверзитетско поврзување. Академскиот line-up или поставата на Меѓународната недела ги вклучува: Пол Стабс од Економскиот институт во Загреб, Патрик Пастур од Универзитетот во Лувен, Вивијана Лангер од Универзитетот Сапиенца во Рим, Делфин Бирло од Универзитетот Париз 1 – Пантеон Сорбона и многу други.

Проф. д-р Маја Геровска-Митев

Предавањата и дискусиите ќе бидат наменети за студентите од сите три циклуси на студии на Филозофскиот факултет, а предавачите доаѓаат од научните дисциплини: филозофија, историја, социологија, антропологија, педагогија, психологија, класични студии, историја на уметност, социјална политика, родови студии и безбедносни студии. Особено сме горди што во рамките на Меѓународната недела ќе промовираме дел од новите меѓународни проекти кои Филозофскиот факултет ги доби во текот на 2018 година. Еден од нив е проектот „Поттикнување на пристапните технологии за студирање: Пристапен систем за управување со учењето во хуманистичките и општествените науки од програмата Еразмус+, Клучна акција 2: Стратешки партнерства. Носител, односно координатор на овој проект е Филозофскиот факултет преку УКИМ, додека партнери на проектот се Универзитетот од Авеиро, Португалија, Универзитетот од Вилниус, Литванија, и Европскиот центар за обука од Копенхаген, Данска. Академскиот тим на проектот од Филозофскиот факултет, чиј раководител е доц. д-р Александра Каровска-Ристовска, го сочинуваат млади амбициозни професори и истражувачи од неколку институти (дефектологија, историја, педагогија и филозофија), чија цел е да развијат алатки за полесен пристап до содржините на предметните програми на Филозофскиот факултет за студентите и лицата со посебни образовни потреби. Професорите и партнерите на овој проект од Португалија, Литванија и од Данска ќе присуствуваат на Меѓународната недела и ќе говорат за нивните истражувачки искуства и придонесот на меѓународните проекти за унапредување на наставата во високото образование.

Вториот проект, кој е основа за гостинското предавање на проф. д-р Патрик Пастур од Универзитетот во Лувен од Белгија, е од програмата Хоризонти 2020. Проектот „Ретопеа – Религиска толеранција и мир“, е координиран од Универзитетот во Лувен од Белгија, под раководство на проф. д-р Пастур, а Филозофскиот факултет преку УКИМ е еден од десетте партнерски организации. Во рамките на овој проект, Филозофскиот факултет првпат имаше можност да ангажира докторски и постдокторски истражувачи, кои заедно со академскиот тим од Филозофскиот факултет под раководство на проф. д-р Лидија Георгиева работат на: анализа на историјата на мировните договори во Европа, ќе вклучат млади во изработување кратки документарни филмови - „докотјубс“ за животот во средини со различни верски и идеолошки верувања, и ги анализираат музејските и медиумските содржини од аспект на нивниот религиски и културен диверзитет.



Целосната агенда со информации за предавачите, дискутантите и темите на излагање на меѓународната недела е достапна на веб-страницата на Филозофскиот факултет www.fzf.ukim.edu.mk, како и на: twitter.com/FZFIntWeek Реализацијата на Меѓународната недела е овозможена благодарение на финансиската поддршка на Ректоратот при УКИМ, како и на Министерството за култура, Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје, Францускиот институт во Скопје, како и полската амбасада во Скопје. Се надеваме дека Меѓународната недела ќе предизвика интерес кај студентите и академскиот кадар и дека ќе премине во традиционален годишен настан на Филозофскиот факултет, кој ќе претставува своевиден фестивал и празник на меѓународната универзитетска соработка во хуманистичките и општествените науки.

Какво значење има меѓународната соработка за Филозофскиот факултет и за секој институт поединечно?

- Наставно-научното портфолио на Филозофскиот факултет, како и на сите 12 институти во негов состав, не би било комплетно без меѓународната димензија. Студентската и професорската мобилност преку програмите ЦЕЕПУС и ЕРАЗМУС овозможуваат збогатување на професионалните контакти и даваат основа за иновирање на студиските и предметните програми. Во моментот Филозофскиот факултет (Институтот за историја на уметност и археологија, Институтот за педагогија и Институтот за филозофија) е партнер во три академски мрежи преку програмата ЦЕЕПУС, а за академската 2019-2020 година, во рамките на истата програма, се пријавивме како координатори за ЦЕЕПУС академска мрежа во областа на социјалната политика и социјалната работа, заедно со 7 партнерски универзитети од регионот и Централна Европа, со кои очекуваме да ја унапредиме наставата на последипломските студии во споменатата област.


Во услови на симболични буџетски средства кои се одвојуваат за науката во Р. Македонија, меѓународните соработки претставуваат неизбежен механизам преку кој се обидуваме да ги реализираме нашите наставно-научни цели. Така, на пример, во 2018 година Филозофскиот факултет потпиша договор за соработка со Студиската група за изработка на Студијата за европски вредности (ЕВС) при Универзитетот во Тилбург, Холандија, со што се приклучивме на бранот истражување ЕВС за 2017. Студијата за европски вредности е програма за истражувања од голем размер, меѓунационално и лонгитудинално истражувања за основните човечки вредности. Обезбедува увид во идеите, верувањата, преференците, ставовите, вредностите и мислењата на граѓаните низ цела Европа. Академскиот тим од Филозофскиот факултет, раководен од проф. д-р Антоанела Петковска, составен е од искусни професори од Институтот за социологија и Институтот за психологија. Тие веќе го започнаа теренското истражување во кое вклучија околу 50 студенти од Филозофскиот факултет, овозможувајќи на тој начин и на пошироката академска заедница пристап до релевантна база на податоци за развивање научни трудови засновани на искуствено поткрепена евиденција. Исто така, во моментот Филозофскиот факултет заедно со неколку други академски институции во државата лобира и за вклучување на Р. Македонија во Европското општествено истражување (ЕСС), за што иницијативата за приклучување мора да дојде од Владата на РМ. Вклучувањето во вакви значајни меѓународни научни истражувања не е придобивка само за академската заедница, туку и за самата држава, придонесувајќи да се рангира повисоко во однос на вложувањата во истражување и развој.



Меѓународната недела е всушност предвесник на нешто многу поголемо. Објаснете ни за што се работи?

- Во 2020 година Филозофскиот факултет ќе одбележи значаен јубилеј - 100 години од своето постоење, еден век од почетокот на наставата по книжевност, лингвистика, историја, филозофија и педагогија, односно еден век од почетокот на високото образование во Р. Македонија. Во таа насока преземаме низа активности чија цел е да ја потврдат мисијата на Филозофскиот факултет како творец, стожер и иноватор на високообразовната дејност и научната мисла во Р. Македонија. Активностите како Меѓународната недела, потоа серијата јавни предавања од афирмирани научници кои придонеле за трансформативно размислување во хуманистичките и општествените науки се само дел од настаните кои го подготвуваат теренот за одбележување на стогодишнината. За овој значен датум се планира посебна академска и свечена програма, која веруваме достојно ќе ја отслика едновековната традиција на високообразовна дејност и научна мисла во Р. Македонија.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование