X
 24.07.2019 Наша тема

Специјализирани студии по клиничка невропсихологија наскоро на Филозофски факултет во Скопје

Програмата ќе биде наменета за сите дипломирани студенти, односно втор циклус на студии во рамките на Институтот за психологија

Специјализирани студии од областа на клиничката невропсихологија наскоро ќе бидат инкорпорирани на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментот се подготвува програмата која ќе биде наменета за сите дипломирани студенти, односно за втор циклус на студии во рамките на Институтот за психологија. Таа ќе им овозможи на идните клинички невропсихолози продлабочени знаења од областите на функционалната невроанатомија и невропсихолошката рехабилитација, развој на специфични компетенции за невропсихолошка дијагностика во различни клинички контексти при работа со деца, возрасни и стари лица, вели проф. д-р Катерина Наумова од Институтот за психологија. Во подготовките на програмата се вклучени и д-р Гордана Томиќ од Клиниката за неврологија при Медицинскиот факултет во Белград и м-р Тина Васков, клинички невропсихолог.

Проф. д-р Катерина Наумова

Според Наумова, отсуството на структурирана едукација од оваа област во нашиот високообразовен систем, наспроти сè поголемата потреба од овој стручен психолошки профил ги поттикнало да почнат со подготовка на програма за специјализирани стручни студии од областа на клиничката невропсихологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

- Американската психолошка асоцијација пред повеќе од две децении ја дефинирала клиничката невропсихологија како специјализирана област на психолошка практика, за која е неопходно продлабочување на знаењата и вештините низ организиран и систематизиран след на формално образование. Вообичаено, во САД, едукацијата за оваа област започнува со докторските студии, а се заокружува преку специјализирана обука на постдокторското ниво на образование. Наставата вклучува дидактички активности, супервизирани практикуми и истражувачки проекти. На тој начин идните клинички невропсихолози истовремено се подготвуваат за самостојна и/или интердисциплинарна практична, но и истражувачка дејност – вели Наумова.

Какви се светските искуства?

Таа објаснува дека образовните и апликативните искуства во Европа се поинакви. Тоа делумно се должи на разликите во општиот модел на високо образование, а делумно на разновидноста во регулирањето на статусот на оваа специјализирана психолошка дејност во одделни европски земји. Неодамнешно истражување спроведено од страна на Европската федерација на психолошки асоцијации открило дека во одделни земји (Франција, Италија и Шпанија) активно работат по неколку илјади клинички невропсихолози, во други стотици (Австрија, Данска, Шведска, Германија, Велика Британија), а во некои едвај десетина (Хрватска, Србија, Исланд).

Д-р Гордана Томиќ/ Извор: Јутјуб

- Едукацијата за клиничка невропсихологија во Европа најчесто се спроведува на постдипломското ниво на образование, преку академски или стручни студии, но неретко и преку специјализирани обуки вон формалното универзитетско образование. Во некои европски земји, како на пример, Финска, постои повеќедецениска историја на систематизирана едукација, додека во други психолозите се препуштени на индивидуално дообразување преку колегијална супервизија или искуствено учење низ личната професионална дејност – објаснува Наумова.

Тина Васков објаснува дека клиничка невропсихологија е научна дисциплина која се бави со проучување на мозочни лезии, со нивното настанување, опсег, локализација, но и со последиците кои овие лезии ги имаат врз човековото однесување и доживување.
- Ги проучува промените во психичкото функционирање (когнитивно и емоционално) кои настанале како последица на дисфункција на централниот нервен систем (ЦНС). Се обидува да одговори на прашања од типот: дали постои оштетување, од колкави размери е, каде се наоѓа, каков исход се очекува и слично – вели таа.

Функцијата на клиничкиот невропсихолог

Според Васков, невропсихологијата се раѓа како автономен ентитет благодарение на придонесот на многу други дисциплини - неврологија, неврохирургија, биологија, неврофизиологија, неврохемија, експериментална психологија, фармакологија, когнитивна психологија... Нов замав добива со развојот на многубројни техники кои го визуелизираат човековиот мозок, како што се компјутеризирана томографија, магнетна резонанца, електроенцефалографија и сл.

Невропсихологијата е дел од постапката при воспоставување на дијагноза, преку набљудување и мерење на функциите, врз чија основа се изведува заклучок за состојбата на ЦНС. Се предлагаат тераписки интервенции, прави процена на когнитивните функции и на личноста, нужни за планирање на третман, прогноза и психосоцијално прилагодување; го следи опоравувањето т.е. влијанието на третманот, а ја следи и прогресијата на болеста. Во истражувачки цели, ја проучува организацијата на активностите на мозокот и влијанитео кое го имаат врз однесувањето; учествува во развивање на нови техники за процена.

М-р Тина Васков/ Извор: Јутјуб

- Клиничкиот невропсихолог ја реализира невропсихолошката процена, а тоа вклучува испитување на мозочните функции, откривање на пореметувањата во когнитивното функционирање, го проучува влијанието на болеста или на лезијата врз однесувањето, учествува во откривање на локализација на лезијата според отстапувањата на поедини тестови... За да може да одговори на наведените барања, невропсихологот применуваа стандардизирани тестови кои проценуваат различни невропсихолошки функции. Овие тестови може да се организирани во форма на батерии и тие проценуваат вкупен неврокогнитивен профил на лицето или пак да вклучуваат поединечни техники фокусирани на тесен сегмент т.е. изолирана функција (говор, помнење...) – објаснува Васков.

Таа додава дека од невропсихолошката процена понатаму зависи планирањето на рехабилитацијата, се извлекуваат совети за медикаментозна и/или психотераписка корекција на однесувањето, се следи еволуцијата на пореметувањето, ефектите на различни тераписки процедури (медикаментозен третман, оперативен третман, психотераписки третман) и слично.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема