X
 08.08.2022 Наша тема

Јулија Митревска - првенец на Филозофски факултет со просек 10: Пред испит „се губев“ меѓу страниците на книгите

Непосредно пред испитна сесија „се губев“ меѓу страниците на книгите, особено затоа што стануваше збор за предмети кои влегуваат во мојата сфера на интерес, па поради тоа знаењата ги надградував со дополнителна литература. Се сеќавам првата година на одмор патував со учебник по античка историографија во рацете, а секој четврток бев „построена“ во Археолошкиот музеј.

Не знам дали повеќе бев маѓепсана од самиот Охрид, кој е заробен во временска капсула или фактот што од мали нозе ги посетував остатоците од материјалната култура со мојот татко, кој преку неговите приказни ме носеше на незаборавни патувања низ времето, вели Јулија Митревска, која оваа љубов кон историјата ја преточи со перфектна средна оценка од 10.00 како дипломец на Филозофскиот факултет во Скопје на студиската програма - историја. 

Родената охриѓанка за нејзината академска одличност неодамна беше декорирана со златник од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како еден од првенците на генерацијата на студенти што дипломирале во учебната 2020/2021 година. Освен за историја, Јулија пројавувала афинитети кон хемијата, а во слободно време се занимавала и со цртање. И покрај освојувањето на низа награди на ликовните конкурси како во земјава, така и во странство, во нејзините проекции за иднината преовладал концептот за истражувач кој сака да одгатнува историски енигми. 


- Сепак, морам да истакнам дека иако повеќе не се занимавам со цртање, сегашното хоби го сфаќам како еден различен израз на мојата љубов кон уметноста. Инаку, кога станнува збор за изборот на факултет, секако големо влијание имаа моите професори по историја, чии предавања беа живописни и „провоцираа“ со интригантни прашања. Поради недоволната информираност на осумнаесетгодишниот страстен средношколец, во 2016 година бев примена на студиската програма по архивистика како прворангирана. Меѓутоа, за кратко време увидов дека моите мечти за толкување историски извори и средновековни манускрипти, воопшто не се проблематиката која се проучува и веќе наредната академска година се префрлив на историја, а токму тоа е причината поради која не завршив во редовниот рок – вели Јулија. 

„Наидов на пријатни и отворени професори“

Кога ќе им кажела на луѓето за нејзиниот избор на факултет, многумина биле скептични во однос на профитабилноста и идната ангажираност на професионален план. Сепак, таа во ниту еден момент не се поколебала и никогаш не и се случило да преполага за повисока оцена. 

- Очекував дека токму Институтот за историја е идеалното место каде што ќе можам да разменам мислења и литература со ентузијастични колеги, но и да ги проширам хоризонтите на знаења и вештини. Епилогот ги надмина сите очекувања од средношколските денови бидејќи спротивно на моите стравувања од авторитарен и „ладен“ наставен кадар, наидов на пријатни и отворени професори, секогаш подготвени за разговор и дискусија, кои максимално се посветуваат на своите студенти и тоа не само во однос на предавањата, туку и кога е во прашање нивната достапност за консултации – додава Јулија.


Високиот просек не ѝ бил амбиција

Историја на античките Македонци, средновековна Македонија – духовна култура и семиотика на артефакти се предметите кои ѝ буделе најголем интерес на Јулија за време на студиите. Таа на почетокот немала амбиција за висок просек, туку едноставно имала апетит за знаење и нови предизвици и имала цел да го заврши факултетот во најкус можен рок. 

- Високиот просек воопшто не го восприемам како амбиција. Напротив, на факултет се запишав со помислата навремено да ги положам предметите независно со која оцена и поради тоа сметам дека целиот успех е само одраз на мојата пасија кон историјата како наука, зашто многу е важно кога посветено го изучуваш тоа што го сакаш – вели Јулија.

Како бруцош на одмор патувала со учебник по античка историографија

Обидувајќи се да не учи „кампањски“, Јулија секојдневно издвојувала време да го прочита новиот материјал и да состави кратка компилација од посочената литература и белешките од предавања. Поради тоа подготовките за колоквиуми ѝ биле редуцирани на два дена. Сепак, за испитите приказната е поинаква...

- Непосредно пред испитна сесија „се губев“ меѓу страниците на книгите, особено затоа што стануваше збор за предмети кои влегуваат во мојата сфера на интерес, па поради тоа знаењата ги надградував со дополнителна литература. Се сеќавам, првата година на одмор патував со учебник по античка историографија во рацете, а секој четврток бев „построена“ во Археолошкиот музеј. Најчеста пракса ми беше да учам самостојно, но неретко со колегите во кафуле си разменувавме мислења и по некое скокотливо прашање – објаснува Јулија


„Идеалното работно место е во некоја голема библиотека“

Со надеж дека ќе ја изгаси жедта за знаење и нови искуства, Јулија ќе го продолжи академското патешествие со запишување на магистарски студии по историја на уметност (ликовна и визуелна семиотика). Таа веќе си има замислено идеална работа за неа во која би се пронашла во иднина и во која постојано ќе учи нешто нови и ќе се надградува.

-Независно колку и да е добар факултетот и наставниот кадар, потрагата по знаење во ниеден момент не смее да замре. Само на таков начин ќе изградиме подобра верзија од себе и ќе ги постигнеме максималните резултати на работното место. Во октомври продолжувам на втор циклус на студиим овој пат по историја на уметност (ликовна и визуелна семиотика), со надеж да ги пронајдам одговорите или барем подлабоко да се запознаам со некои од загатките што се наметнаа уште во текот на пишувањето на дипломскиот труд. Идеалното работно место, според мене, е лоцирано во некоја голема библиотека, која има доволно материјали за спроведување на научно-истражувачката дејност - завршува Јулија.

Фотографии: приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема