Ако го пролистате унгарскиот учебник по историја за средношколци, ќе ви стане јасно кои се ставовите на политичарите што се на власт таму.
Во делот наречен „мултикултурализам“, поглавјето се отвора со фотографија од бегалци кои кампуваат на железничка станица во Будимпешта.
- Наша вредност е тоа што Унгарија е хомогена земја - пишува на крајот покрај фотографија од премиерот Виктор Орбан.
Токму неговата влада ги одобри учебниците. Тие се дел од „реформите“ во образованието кои шокираат многу учители, професори и издавачи.
Критичарите велат дека тоа е само уште едно од низата оружја со кои Орбан сака да ја обликува земјата според својот христијански, националистички калап. Орбан ги укина и оние академски програми што не се во согласност со неговите конзервативни вредности, па еден универзитет мораше да замине од земјата.
Критиките пристигнуваат среде ерата на протести против политиката на Орбан, првото вистинско излегување на Унгарците на улиците откако Орбан е на власт, тоа значи од 2010 година, кога неговата партија освои мнозинство.
На минатите избори тој вети радикална образовна реформа, и ја направи.
Некогаш општините го надгледуваа јавното образование, но тоа во изминатите години го презеде државата - што вклучува печатење и снабдување со нови учебници за да може, како што вели портпаролот на владата, Золтан Ковач, да се пополнат некои дупки и да се воведе нов курикулум.
Учебниците сега ги создава посебен Центар за едукација и развој (ОФИ), а придонесуваат голем број стручњаци, вели Илдико Репарски, професор по историја и автор на поранешни верзии.
Реформата го присили и факултетот на Џорџ Сорос да се пресели во Виена. Милијардерот е голем непријател на Орбан.
Некои едукатори велат дека политиката на Орбан веќе има влијание кај децата, долго пред да се запишат на универзитет.
- Она што, да речеме, го пишува за мултикултурализмот и како ние сме хомогени во смисла на културата, начинот на размислување и верата не говори баш ништо за тоа зошто постојат проблемите со миграцијата, ниту целта е децата нешто да научат - вели шефот на здружението на професори по историја, Ласло Миклоси.
Орбан преку учебниците го покажува и својот став кон ЕУ, па така во учебникот има илустрација на која Германија е прикажана како голема маторица која ги храни прасињата Грција, Шпанија, Белгија и Португалија, додека Унгарија стои настрана во ливадата и сама јаде трева.
Во поглавјето „Намалување на популацијата и миграција“ има слика од момче и девојче, а долу пишува: „...значително е зголемен бројот на млади што мислат дека е најдобро да се живее во Унгарија“.
Тука се вклучени и статистики како „67 отсто од младите иднината можат да ја замислат само во оваа земја“ и „секое четврто младо лице живее во брак или во трајна врска и 68 отсто од оние што не го прават тоа, би сакале“. Не се наведени извори за тие статистики.
- Идејата е да се поттикнат патриотските чувства кај младите во Унгарија и да се поттикнат на стапување во брак и основање фамилија. Вака се прави обид да им се даде до знаење дека иселувањето не би требало да биде опција - смета Репарски.
Миклоси е убеден дека антимигрантската реторика на Орбан веќе успеала да влијае врз најмладите генерации.
- Зборот „мигрант“ сега е пцост за многу луѓе, вклучително и за многу деца. Ако професорот каже збор како „Евреин“, „Ром“ или „Словак“, учениците се смеат и меѓусебно се задеваат и професорот мора посебно да се потруди за тие теми да се разговара неутрално - вели Миклоси.
Со тоа се согласува и професорката по англиски јазик Јули Кароли, која вели дека зборовите „Сорос“ и „мигрант“ дефинитивно станале навреди. Но, таа тврди дека сѐ потекнува од дома.
- Ако родителите паѓаат на пропаганда, тогаш и децата ќе го следат тоа, особено помалите - истакнува таа.
Во мало село, на 30 минути возење од Будимпешта, издавачот Андрас Романкович во својата куќна канцеларија има полни полици со учебници, наредени по децении. Тој и неговата сопруга почнале да издаваат учебници во 1978 година и со текот на годините направиле повеќе од 10 милиони учебници.
Лиценците за унгарските учебници мора да се обноват на секои пет години. Романкович е еден од петтемина независни издавачи што ја тужат владата откако не им биле продолжени лиценците. На суд ќе има 123 различни случаи и судења бидејќи има 123 различни учебници. Околу 20 книги во меѓувреме добија право на ново печатење и користење, додека лиценците за „државните учебници“ веднаш се продолжени.
Во меѓувреме Орбан укина и студии што не му се допаѓаат. И тоа не само универзитетот на Сорос, туку и родовите студии на еден универзитет во
Будимпешта.
- Орбан сака да направи јака, но едноставна идеологија базирана на национална гордост и многу едноставни христијански вредности и тој елиминира сѐ и секој што не се вклопува во тоа - вели Ева Фодор, која предавала на универзитетот на Сорос.
Истовремено, Ковач објаснува дека програмата за родна идеологија била укината бидејќи со тоа немало работа, имало малку запишани и затоа што немало врска со нивните ставови дека постојат два рода и пола - мажи и жени, како и дека тука немало некоја посебна дисциплина.