X
 18.07.2019 Наука

Делови од Маршалските Острови се порадиоактивни од Чернобил

Во четвртата епизода од серијата „Чернобил“ е прикажано како службениците ја оценуваат штетата од експлозијата во нуклеарната централа, која се случила во 1986 година и поради која бил исфрлен радиоактивен материјал во воздухот.

Во филмот може да се види како се вели дека покривот на нуклеарката бил најопасното место на Земјата - место каде што 2-минутна изложеност би го преполовила животниот век на лицето. Оттогаш таа опасност е значително намалена. Иако во Чернобил сè уште има забранета зона, напуштените училишта и паркови сега се отворени за посетители постари од 18 години.

- Веројатно ќе добиете повеќе радијација од летот што ќе го фатите - вели Клер Коркхил, истражувачка за раководење со нуклеарен отпад во Универзитетот „Шефилд“, која асистирала во чистењето на Чернобил.

Тоа може и да не е случајот со одредени области од Маршалските Острови, област во Пацификот, каде што САД извршиле 67 нуклеарни тестови по Втората светска војна.

Неодамнешна студија на истражувачи во Универзитетот „Колумбија“ покажа дека делови од островите содржат многу повеќе радијација од земјата контаминирана од катастрофата во Чернобил.

Истражувачите детектирале „повишени нивоа“ на радиоактивни елементи како америциум, цезиум и два вида плутониум во 38 примероци почва земени од 11 различни острови.

Највисоката доза на радијација била детектирана на островот Бикини, каде што САД ги извршиле најголемите тестирања на хидрогенска бомба и подоцна потонале десетици радиоактивни бродови.

Овие радиоактивни елементи исто така биле вклучени и во чернобилската несреќа, која ослободила околу 5.300 петабекерели радиоактивен материјал.

За три месеци по чернобилската катастрофа повеќе од 30 лица починале од акутна радијациска болест. Денес научниците проценуваат дека десетици, можеби и стотици или илјадници луѓе биле погодени од катастрофата.

По тестирањето на америциум-241, истражувачите утврдиле дека одредени острови содржеле многу повисоки нивоа на изотопот отколку што биле пронајдени во Чернобил во 2009 година. Нивните тестови покажале и дека островот Бикини содржел 1.000 пати повеќе плутониум отколку што бил откриен во Чернобил или во Фукушима.

Во одделна студија истражувачите утврдиле дека овошјето на некои од островите содржело повеќе цезиум-137 отколку што е дозволено според меѓународните стандарди за безбедност. Некои од островите исто така содржеле повеќе цезиум-137 отколку што било откриено во Чернобил 10 години по несреќата.

На крајот, истражувачите истакнуваат и дека четири северни острови се поконтаминирани од области во близина на нуклеарната централа Чернобил.

Иако островите се претежно ненаселени, истражувачите посочуваат дека жителите од околината треба да бидат предупредени дека не треба да минуваат многу време на тие места.

Фото: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука