Анализа на ДНК собрана од луѓе од Кина, Сибир и од САД откри дека првите луѓе кои за Америка рекле дека е нивни дом можеби биле само 250 на број.
Студијата дава важни детали за моделите кои опишуваат како бил населен новиот свет по последната ледена доба, формирајќи слика на мали фамилијарни групи кои се делат и населуваат низ континентите во текот на миграцијата која траела илјадници години.
Генетичарите од САД и од Бразил подредиле примероци од ДНК собрана од лица што претставувале племиња на домородни Американци расеани низ Централна и Јужна Америка. Тие се фокусирале на девет некодирачки секвенции и ги споредиле со примероци од десет сибирски етнички групи и 15 лица од Кина.
Овие популации овозможуваат генска отскочна штица која им дозволува на истражувачите да работат наназад и да ги проценат времето и големината на миграциските движења.
Фото: Science Alert
- Тешко е да се вратите назад во времето за да ги следите населенијата, но можеме да карактеризираме привремена генска различност и да го процениме степенот на мутација кој се случил во различни региони - вели Мајкл Крофорд од Универзитетот во Канзас.
Неговото претходно истражување во полето на антрополошката генетика опишува миграциски времеплов кој оди 23.000 години во минатото, почнувајќи од сибирското население што се населило во Алјаска.
Овие основачки фамилии не брзале да го истражуваат новиот дом и поминале околу 8.000 години во област меѓу Сибир и Алјаска. Оние што навлегле подлабоко во американскиот континент станале Америндијани. Бавниот напредок не се случувал толку поради долгите талкања во непознатото колку поради помалите племиња што се одделувале од поголемите штом ќе настанела збрка.
- Тука не станувало збор за група што најавувала: „Ајде да одиме да го следиме овој“. Тука станува збор за делба меѓу ловците и собирачите - објаснува Крофорд.
Ова можеби не е брз начин за да се наполни континент, но во доволно долг период може да еволуираат доволен број испреплетени култури.
Иако редоследот е јасен, точните бројки никогаш не беа јасни. Според една процена од пред повеќе од една деценија, имало одвај 70 лица што ги создале првите табори низ Америка. Компјутерските симулации кои процесирале 100 милиони генерации врз основа на генските податоци посочуваат дека првите доселеници можеби биле составени од околу 4.000 лица. Сепак, најверојатните бројки покажуваат дека тоа население броело меѓу 229 и 300
лица.