X
 04.05.2020 Колумни

Колумна: Првомајското празнување – нашата рамка и сликата за младите

Морализираме за однесувањето на младите кои, по игра на случајот, наследија извртен свет од нас, кои сега се поставуваме како морални авторитети. Конечно, да - кој, ако не ние?

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

За нас родените, раснатите и созреаните во времето на некогашната заедничка држава, првомајските спомени подразбираат еден топол, среден, сигурен и секако, поради нашата младост, прекрасен албум на фотографии. Албум кој денес го отвораме со насмевка и кој од низата сериозни години временска дистанца умееме да го раскажуваме со дупла доза воодушевување. Она што се мери во едноставната реченица: „Колку убаво беше тогаш“ и подразбира сеќавања – оние што се веродостојни чувари на едно поубаво, помирно, посигурно и подостоинствено, минато време.

Тогашното првомајско празнување подразбираше празник со сите нишани, една рамка на однесување што значеше колективна радост поради дефилеата, знамињата и транспарентите, воените паради, говорите во името на работникот и борбата за него и неговите права. Без желба да ги идеализирам тие времиња, затоа што секако си имаат свои недоследности, сакам да истакнам дека тогаш важеше правилото: „Без работнички права, не постојат човечки права“. Постоеја перспективи, појасни визии, вработувања според знаења, стручност и образование, можности за напредувања. Се почитуваше чесниот работнички труд, кој беше неомаловажен и необезвреден. Оној со кој се ранеа семејства и имаше за сите. Овој амбиент кој за нас, тогаш временските деца и млади беше дел од сфаќањето на животните вредности, ни ја даде и рамката во која нештата имаа смисла, причина и последица и за нив вредеше да се биде чесен, вреден и посветен работник. Беше тоа празник на работничката класа која манифестира заедништво во своите барања и во својата класна солидарност.

Фото: Архива на Факултети.мк

Времињата се сменија. Новите рамки го сменија и животот, и сфаќањата, и потребите, и однесувањата. Заедничките битки станаа битки за себе, колективниот дух доби ново, индивидуално руво и за правата, правдата, солидарноста, заедничката борба, чесноста конечно, веќе снема место. Меѓународниот празник на трудот го изгуби својот идеолошки карактер и со текот на времето прерасна во своевидна работничка слава. Колку повеќе работникот се губеше во бескрајните транзициски земјотреси и колку повеќе општественото богатство се прелеваше во џебовите на модерните газди, толку повеќе трудбениците во 1 Мај го гледаа единствениот ден кој ги потсетува на поубавото минато.

Затоа сè повеќе и сè почесто ги гледаме ваквите одбележувања, кои влечат длабоки корени во древните пагански празници посветени на природата. Затоа гледаме работник залегнат во трева, со скара и пиво, кој сè помалку има потреба да им оддаде почит на жртвите – работниците од Чикаго кои далечната 1886 година станале во името на правдата и против угнетувањето. Интернационалата е непозната во напливот на модерните турбофолк-ливадски-покрај река звуци кои значат нов формат на славење, а ваквите празнувања, парадоксално, но реално стануваат толку помасовни колку повеќе работничката класа ја снемува. Како што се вели, се чини дека така обесправените си го манифестираат својот неартикулиран бес, утешувајќи го на некоја ливада со скара и пиво наместо на улица. Би напоменала тука дека во услови, пак, на корона-климата во која веќе неколку месеци опстојуваме, станува просто фрапантен фактот дека желбата, особено за првомајската масовност по ливадите, е толку голема што може да ја доведе во прашање и масовната здравствена состојба, но на истата, под закрила на сè поголемата нервоза на луѓето поради ограничувањата во движењето, се инсистира многу гласно и многу посветено.

Обесправени, незадоволни, осиромашени. Но здушни во критиките дека ете, и на тој еден (?!) ден во годината, правата ни се ускратени. Погрешен фокус како придобивка на времето во кое погрешно се бориме за себе.

Нејсе. Ако ова е рамката која ние возрасните ја креираме, сѐ почесто зборувајќи како било некогаш, а како е сега, наместо тоа „сега“ да го искреираме самите и согласно состојбите во кои се наоѓаме, се поставува прашањето кој, ако не ние, ќе им ја исцрта поголемата слика на денешниве млади? Што им оставаме? Кој ќе им помогне да станат освестени и да се организираат во идеолошки свесна маса? Како ќе научат дека слободата е одговорност? Дека правдата е императив? Дека борбата за права трае и ќе трае сè додека владее неправото? Дека загинатите за правда се основата на сфаќањето што е правда? Дека треба да умеат да видат, да препознаат и да осудат угнетување, експлоатација, обесправување? Дека самите не треба да се креатори на истите? Дека сите права и слободи за кои толку се зборува, човековите и социјалните права, сиромаштијата, квазизаштитата на синдикатите, ужасните услови за работа, слабата платеност на трудот, ограничените можности за вработување, немањето избор, стравот и многуте други феномени на современото мачно живеење имаат име, како такви треба да се третираат, за нив треба да се зборува и за/против нив треба да се бијат сите битки? Дека солидарноста меѓу луѓето што живеат на ист простор го подразбира животот заедно?

Кој и како да ги научи дека треба да се глас, а не ехо? Кој да ги научи дека трите осумки поради кои Чикаго гореше таму далеку во времето – 8 часа за работа, 8 часа за одмор и 8 часа за себе, треба да се основа на секое првомајско организирање, но и достоинствен животен идеал на секој човек? Дека нивниот отпор секогаш треба да има јасна артикулација? Дека секогаш е поважно за што се борат, а не против кого? Дека празникот треба да има, пред сè, човечка димензија? Кој, ако не ние?

Ќе завршам со тоа што ќе нагласам дека наместо да ги генерализираме младите како дел од популацијата која денес „просто не знае што со себе“, би можеле повеќе да поработиме на себе, затоа што инаку морализираме за однесувањето на младите кои, по игра на случајот, наследија извртен свет од нас, кои сега се поставуваме како морални авторитети. Конечно, да - кој, ако не ние?

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни