Речиси сите ние што сме дел од воспитно-образовниот процес имаме едногласна желба - од септември да се вратиме во училниците заедно со учениците
Автор: Александар Адамовски, проф. по македонски јазик и литература и француски јазик
Учениците се на летен распуст. Новина за крајот на учебнава година е што учениците ќе ги добијат свидетелствата дури на крајот од август, односно пред почетокот на новата учебна година (со исклучок на сите што имаат некоја итна потреба поради која ќе им се издаде свидетелство). Колку ново, толку чудно, но како и да е, сепак среќно лето на сите ученици што ги завршиле своите училишни обврски.
Што прават наставниците во јуни?
Оној што не знае што точно прават наставниците по 10 јуни, ќе каже: ...ништо, одат на училиште, се врткаат некој саат и си одат дома. Но, не е така.
Традиционално, како и секоја година, наставниците одат на колективен одмор во јули. Додека, пак, во јуни се одржуваат одделенски и наставнички совети, потоа се средува педагошката документација: дневниците, главните книги, во кои мора многу внимателно да се пишува и да не се брза и нормално уредно да биде напишано бидејќи подлежат на инспекциски преглед, потоа се расчистуваат кабинетите, се работи и помага во самото училиште (наставниците не одбиваат работа, што ќе им дадат, тоа ќе го сработат). Потоа следуваат разни обуки за наставниот кадар кои траат со часови итн. Значи, многу активности кои наставниците со задоволство ги извршуваат (верувам дека тоа го прават во голем број). Најважно, што не смее да се заборави, е дека сите наставници по стручни активи изготвуваат активности кои треба да влезат во годишната програма за работата на училиштето за наредната учебна година, па тука се разни извештаи и слични активности.
Дружба има, се разбира, меѓутоа, има и обврски кои мора да се завршат (повеќето се обврзани со термин).
Во јуни се формираат паралелки за следната учебна година, им се делат часови на наставниците, кои во август само се докомплетираат, потоа дел од учениците што одат на продолжителна настава треба да се јавуваат на закажаните термини за присуство во јуни. Исто така, се работи на проекти за кои аплицира самото училиште и што се од суштинско значење за училишната зграда. Во училниците и кабинетите, наставниците си ги знаат своите јунски обврски и ги извршуваат традиционално. И онлајн-наставата отвори доста прашања кои секогаш се дискутабилни, а обврските се скоро исти, ако не и во зголемен обем. Така што, училишното кафе се пие и по неколку часа (работно, посветено, професионално). Месец јуни е работен месец за наставниот кадар. И она што е навистина паметно е што училишните обврски се поделени (секој наставник дискутира, се консултира, соработува со колегите и работи на својот предмет и на активностите поврзани со него). Работна, училишна атмосфера која ја заокружува тековната учебна година и веќе работи на подготовка за наредната учебна година. Секој наставник има одговорност за тоа што го прави и што сака да го постигне. Суштината на училишната соработка треба да биде сведена на: разбирање, дијалог, став, дискусија итн. Доколку се постигне суштината на училишната соработка, училишната година полесно ќе ги сумира постигнатите резултати.
Гледишта и очекувања за новиот септемвриски почеток
Речиси сите ние што сме дел од воспитно-образовниот процес имаме едногласна желба - од септември да се вратиме во училниците, заедно со учениците. Добро знаеме каде се одвива и каде треба да продолжи социјализацијата на учениците. Онлајн-наставата треба да биде само како резерва, доколку условите наложуваат да се продолжи со неа, во спротивно, учениците треба да се вратат на училиште. Онлајн се запазува само формалната страна на наставата, така што има разлика од онаа настава во училницата, каде што покрај формата во целост се одвива и реализира и содржинскиот дел на наставата.
Училницата е незаменлива. Ниту еден компјутер ни телефон не може да ја замени. Образовните промени треба да се случат, но не треба да се избрза со нив. Од некаде треба да се почне (уште многу одамна требаше), дали ќе биде: прво, четврто, шесто одд., сепак, реформизацијата и интеграцијата на образовниот процес сака: време, ресурси, и секако приспособување, најпрвин на наставниот кадар, а потоа чекор по чекор и на учениците и на сите засегнати во воспитно-образовниот процес.
Јуни помина, еве го јули, а по него и подготовките за новиот септемвриски почеток. Колку новини ќе донесе, ќе видиме. Сепак, мораме да останеме оптимисти дека работите ќе се одвиваат на подобро (велам на подобро и поуспешно, само ако училишниот џагор „живне“ во вистинско светло). За да не бидат тажни: училниците, училишните ходници и дворови и пошироко, да веруваме дека училишната нормалност, сепак, полека, полека ќе се стабилизира. Навиките за читање и за учење мора да продолжат. Тие се столб на стекнување знаења. А секако, тука се наставниците кои својата мисија ќе продолжат со задоволство да ја извршуваат. Сите други работи, активности, случувања се многу јасни во образовната сфера. За исклучителна пофалба е реновирањето на голем број училишта низ нашата Република. Тоа заслужува почит! Подобри услови за учење значи напредок плус. Културата и воспитанието тргнуваат од дома, а на училиште образовно се надградуваат и созреваат. Секој наставник знае како најдобро да остварува интеракција и комуникација со своите ученици. Паралелно со нив, да ги следи и оцени трудот и знаењето на ученикот. Септември нека донесе новина која навистина ќе значи посебна радост, по една и пол година помината онлајн, пред компјутер. Искрено се надевам дека тоа ќе се случи и ќе се продолжи наставата со физичко присуство на сите ученици.
Овој пат, за крај, сакам на сите мои колешки и колеги заслужено да им го честитам крајот на оваа измината, турбулентна учебна година, благодарение на истрајноста, снаодливоста и трпеливоста што ги покажавме. Исто така, посакувам подобар септемвриски почеток, каде што наставниците ќе бидат растоварени од преобемната администрација. Оти најважно за сите што работиме со ученици е да им се посветиме ним, а не на папирологијата која понекогаш навистина е преобемна и беспотребна.
Наставникот го личи со книжен дневник в рака, а не без него!
Среќен распуст и пријатен одмор, почитувани од просветната фела!