Чешка и Шпанија во „Штадхале“ во Виена играа пред речиси празни трибини, а неколку Шпанци одвреме-навреме извикуваа „Вамос! Вамос!“ Така ли се навива за својата земја? Каде е она нашето „Зига-зага, о, ле, о, ле!? Јави се јужна! Сакаме победа! Срце на терен!“
Секој јануари, со години наназад, додека другите одеа на скијање или уживаа во разни спа-центри, верните навивачи на македонскиот ракомет имаа свој пат и своја агенда. Дури и нивните најблиски немаа разбирање за таа нивна пасија. Не можеа да сфатат како некој може цела година да собира пари, да се лишува од многу нешта и целата сума ставена настрана да ја потроши навивајќи за ракометната репрезентација на Македонија? Се чудеа која е таа страст што ги тера да поминуваат илјадници километри за да го кренат македонското знаме во Катар, Полска, Франција? Да седнат на трибините и до засипнување да ги бодрат нашите ракометари. Дури и им префрлаа зашто ги трошат тешко заработените пари на глупости (читај ракомет) кога со нив би можеле да си уплатат нов автомобил или да го реновираат својот стан?
Да, рационално и прагматички гледано тоа е така.
Но, има едно големо но... Кој еднаш отпатувал во странство за да ја бодри македонската ракометна репрезентација, знае за што зборувам. Секако, за да се навлечеш толку на ракометот, потребно е претходно да имаш и домашно ракометно искуство. Мислам на натпреварите од Лигата на шампиони во Скопје на „Металург“ и на „Вардар“ (и во женска и во машка конкуренција), како и на натпреварите на македонската ракометна репрезентација што ги игра во „Борис Трајковски“. Без такво навивачко искуство, патувањата во странство се обична поза, шопинг-авантура или помодарство - да бидеш виден и да споделиш фотки на „Фејсбук“.
Ова не е колумна за таквите навивачи.
Ова е колумна за вистинските, верни навивачи, кои се разбираат од ракомет и кои точно знаат кога селекторот треба да побара тајмаут и кога судијата треба да додели некому две минути. А такви има многу!
Се среќаваме насекаде. Во Гдањск, во Вараждин, во Гетеборг, во Катар, во Виена... Се поздравуваме, се прегрнуваме, си посакуваме среќа. А не се ни познаваме. Речиси никој не знае како се вика тој што е пред него или му знае само некој негов прекар. Тука не е битно кој си, што работиш, колку заработуваш или каков автомобил возиш. Тука е битна само една идеја. Навиваш за Македонија и посакуваш да оствари што подобар пласман и да победи што поголем број репрезентации. Тука нема политика. Сите сме едно.
А како изгледаат подготовките за нашите ракометни авантури? Уште во текот на летото, кога ќе заврши ждрепката за следното европско или светско првенство, вистинските навивачи прават анализа на местото на играње, земјата во која се игра и на нашата група. Се анализираат шансите на нашите ракометари и секогаш е ист првиот впечаток: „Имаме релативно лесна група. Има еден фаворит во неа, а сите други, ха, нашите момчиња лесно можат да ги победат! Па, ние ги имаме Кире, Столе, Борко, Тале, Фитиљ, Деки“... Веднаш се вртат телефоните на „пријателите по ракомет“ и се избира најбрзата и најевтината маршрута. Се резервираат авионски карти, се бараат пријатели кои имаат добри возила и кондиција да извозат (со едно скара-застанување во Белград) илјадници километри или се фаќа место во автобусот со македонските навивачи.
Се разбира, кој има братучед или тетка во градот каде што игра нашата репрезентација, тој е цар и има помали трошоци. Барем не плаќа за хотел. Останатите, со помош на своите букинг-вештини наоѓаат хотели, хостели или станови и го резервираат својот престој.
Билетите за натпреварите се посебна приказна. Има една група навивачи, блиски до Ракометната федерација на Македонија, кои редовно и секаде добиваат бесплатни билети од Федерацијата. Другите навивачи, со помалку врски, мораат да си купат билети, кои се прилично скапи. На пример, за да ги гледавте трите натпревари на Македонија на ЕП во Виена, против Украина, Чешка и Австрија, тоа задоволство чинеше точно 201 евро. Оние пооптимистите (како и авторката на овие редови), веруваа дека Македонија сигурно ќе се пласира во вториот круг и купија билети и за таа фаза. Математиката беше јасна и прилично лесна. Ќе ги победиме Украина и Австрија. Чешка е силна, ама и таа може да падне...
Идејата на најголемите ракометни оптимисти беше јасна: во вториот круг Македонија ќе игра против Германија, Шпанија, Хрватска и... Белорусија. Како се пропушта такво нешто?! Оптимистите тоа задоволство го платија со дополнителни 200 евра. За билети зад голот. Од таа визура, кога шутираат пенал на голот што е под твојата трибина, никогаш не знаеш дали паднал гол или не. Ама затоа е тука видеобимот, на кој во Виена нема репетиција.
Tажно, чудно и глупаво е да гледаш натпревар во Виена во кој не игра твојата држава
Сите горенаведени активности на ракометните фанови завршуваат на почетокот на есента и мирно се чека следниот настап на ракометните јунаци. Штом ќе помине Нова година, се отвораат плакарите и се проверува навивачкиот арсенал. Знаме, дрес, капа, шал, вувузела, тапан. Ако си качил некој килограм од руската салата и кифличките за празниците, купуваш нов дрес. И тргнуваш во нов ракометен успех.
Австрија. Виена. Никогаш полесна група. Навидум. Оптимизам на сите страни. Тим во кој веруваме. Спој на младост и искуство. Конечно наш стратег, Кире и Борко во својот зенит, Стоилов, Талевски, Митревски, Кузмановски, Манасков, Пешевски – со доволно искуство од големи натпреварувања, плус тука се големите таленти: Серафимов, Томовски, Крстевски, Велковски, Мишевски... Дури очекувавме и прво место во групата. Што се случи? Не знаеме. По само три меча ракометарите си ги спакуваа своите куфери и се вратија во своите природни средини. Кратко, ама горчливо. Особено боли катастрофата од Австрија. „Веќе сите научија да играат ракомет!“ – повторуваме сите како папагали, а грутката никако да мине низ грлото. Секој од нас мисли дека е селектор. Ја знае најдобрата тактика, формација, време за тајмаут и прва измена. Во оваа пригода ќе ги оставам другите да кажат во кој правец треба да се движи македонскиот ракомет и дали ќе пропаднеме кога Кире ќе се пензионира?
Ние малкумина (најоптимистите) што купивме билети и за втората фаза, сакале-нејќеле, останавме во Виена и ги гледавме и другите натпревари. Тажно, чудно и глупаво е да гледаш натпревар во Виена во кој не игра твојата држава. Ама, тоа е...
Да се разбереме, со враќањето на нашите навивачи во татковината многу загуби и организаторот на ова европско првенство. На пример, Чешка и Шпанија во „Штадхале“ во Виена играа пред речиси празни трибини, а неколку Шпанци одвреме-навреме извикуваа „Вамос! Вамос!“ Така ли се навива за својата земја? Каде е она нашето „Зига-зага, о, ле, о, ле!? Јави се јужна! Сакаме победа! Срце на терен!“ И така натаму.
Ја гледав и Хрватска против Австрија. Хрватите имаа жестоки навивачи, а Австријците навиваа камерно, како Штраус да им ги пишувал навивачките песни. Врв на австриската радост е кога при ефектен гол коментаторот во салата ќе извика: „Данке!“, а цела публика во еден глас ќе рече: „Бите“! Ама навивање!? Ама ги имаат Билик, Божовиќ и тоа ќелавото крило Роберт...
Се радувавме во Катар и во Хрватска. Тагувавме во Гетеборг и во Гдањск. Виена ќе ни остане во лошо ракометно сеќавање. Градот е прекрасен, ама 15-тото место не е по наш вкус.
Кој е виновен? Сигурно не ние, навивачите!