26.01.2021
Здравје
ИЈЗ: За 28 отсто е намален бројот на новозаразени во изминатата недела
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 18 до 24 јануари 2021 се тестирани вкупно 11.036 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 21,8% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.727 нови позитивни случаи од 34 града во државата, со намалување од 28% во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=851; 49,3%), со неделна инциденца – 137,8/100.000. Највисока неделна инциденца од 190,5/100.000 е регистрирана во Кавадарци.
Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 9 до 19%, или во просек 14%, што претставува намалување од 2% во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=507, 29,4%). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи 40-49 (n=299; 17,3%), 50-59 (n=298; 17,3%), 30-39 (n=287; 16,6%), и 20-29 (n=231; 13,4%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (n=32; 1,9%) и 10-19 години (n=73; 4,2%).
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.084 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 12,1% помалку во споредба со минатата недела.
Пријавени се 69 смртни случаи од 23 града, со намалување од 12,7% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 55 лицa биле над 60 години, 11 лица на возраст од 50 до 59 години, 2 лица на возраст од 40 до 49 години и едно лице од 30 до 39 години.