07.04.2021
Здравје
ИЈЗ: Бројот на нови случаи зголемен за 6,9%, а на смртни за 27,5% во споредба со претходната недела
Во периодот од 29 март до 4 април 2021 година тестирани се вкупно 26.142 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 5 % во однос на минатата недела. Регистрирани сe 7.933 нови позитивни случаи од 35 града во државата со зголемување од 6,9% во однос на минатата недела, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во него се додава дека најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (44,5%), со неделна инциденца – 572,2/100.000. Највисока неделна инциденца од 583,3/100.000 е регистрирана во ПЕ Кавадарци.
Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 21,0 до 35,2%, или во просек 29,3%, со зголемување за 1,7% во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (30,2%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи 50-59 (17,9%), 30-39 (17,8%), 40-49 (16,6%) и 20-29 (11,6%). Најмал број е регистриран кај децата 0-9 (1,2%) и 10-19 години (4,8%).
Од ИЈЗ додаваат дека по добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.861 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 19,8% во споредба со минатата недела.
Пријавени се 260 смртни случаи од 27 града, 27,5% повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 215 лицa биле над 60 години, 27 лица на возраст од 50 до 59 години, 13 лица од возрасната група од 40 до 49 години, 4 лица од 30 до 39 години и едно лице од 20 до 29 години, стои во извештајот.