Понижувачко видео предизвика бес на социјалните мрежи. Јутјуб-мајтапчија се снимал како во Барселона на еден бездомник му нуди колаче наполнето со паста за заби наместо со крем.
Сега мајтапчијата, кој на неговите следбеници на „Јутјуб“ им е познат како ReSet, а чие вистинско име е Кангуа Рен, доби 15 месеци затвор и мора да му плати 20.000 евра компензација на неговата жртва.
Било утврдено дека Рен го нарушил моралниот интегритет на бездомникот. Сепак, не е веројатно дека јутјуберот ќе мине некое време зад решетки бидејќи шпанскиот закон обично дозволува казните под две години за први прекршоци во ненасилни криминални дела да бидат суспендирани.
Судот од Барселона во пресудата нареди и петгодишно затворање на каналите на Рен на „Јутјуб“ и на останатите социјални мрежи.
Рен имал 19 години кога во 2017 година се снимал како го заменува кремот од колачињата со паста за заби откако бил предизвикан од еден од неговите 1,2 милион следбеници. Тој му ги дал колачињата на бездомникот пред еден маркет, заедно со банкнота од 20 евра. Бездомникот бил идентификуван само како Георг Л. - човек во раните 50-ти години, роден во Романија.
Откако го изел колачето, бездомникот повратил.
Снимката предизвикала осуда, па Рен ја заменил со друга, на која се гледа како го посетува бездомникот и му нуди 20 евра. Според полицијата, тој подоцна понудил 300 евра за ќерката на жртвата да не покрене судска постапка.
Рен во одбрана истакна дека видеото било само лоша шега, но судијата забележа дека Рен заработил повеќе од 2.000 евра од приходи од реклами генерирани преку видеото, едно од неколкуте што ги снимал како одговор на предизвиците што ги добивал од следбениците.
- Ова не е изолиран случај. Во други снимки Рен исто така покажува сурово однесување кон ранливи жртви - стои во пресудата на судијката Роса
Арагонес.
Рен е роден во Кина, но уште од детството живее во Шпанија.
Во оригиналното видео, кое подоцна беше отстрането од „Јутјуб“, Рен вели дека можеби отишол предалеку, но додава дека има „позитивна страна“: „Ова ќе му помогне да си ги исчисти забите. Не верувам дека ги чистел откако станал сиромашен“.