X
 04.06.2024 Живот

Како функционира картичката за шанси со која Германија сака да привлече работници

Со нов систем на бодови - таканаречената картичка за шанси - Германија сака да привлече квалификувани работници од странство и конечно да го стави под контрола недостигот на квалификувани работници - слично како во Канада или Австралија, пишува „Дојче веле“. Еве како треба да функционира системот и каде гледаат недостатоци експертите.

Како функционира картичката за можности?

Од 1 јуни 2024 година барателите на работа што не се од земји членки на ЕУ можат да дојдат во Германија користејќи ја таканаречената картичка за шанси. Не им е потребен договор за вработување на неопределено време, туку имаат време од една година да бараат работа. Предуслов за добивање на картата за шанси е најмалку две години стручна обука или универзитетска диплома, како и основни познавања на германскиот јазик на ниво А1 или англиски јазик на ниво Б2. Личната врска со Германија исто така игра улога.

Поените се доделуваат во зависност од професионалното искуство, јазичните вештини, возраста и поврзаноста со Германија. Секој што е квалификуван за работа во која има голем недостиг на работна сила добива дополнителни поени. Под одредени околности, периодот за барање работа може да се продолжи најмногу за две години.

Колку пари треба да се заработуваат?

Барателите на работа треба сами да си ги платат животните трошоци. Само оние што се успешни во барањето работа можат да останат подолго. Но, предуслов е бруто-платата годишно да биде најмалку 40.770 евра или да се исплаќа во согласност со тарифата. Паралелно со барањето работа е дозволено секундарно вработување до 20 часа.

Картичката за шанси е трет дел од Законот за доселување квалификувани работници. Законот беше донесен во 2020 година од тогашната коалиција на социјалдемократите и конзервативната ЦДУ со цел да привлече работници од земји што не се членки на ЕУ.

Што е со луѓето од Западен Балкан?

За работниците од земјите од Западен Балкан, од 1 јуни има повеќе можности на германскиот пазар на труд, дури и ако тие немаат обука. Сепак, тие мора да покажат договор за вработување пред да влезат во земјата.

Досега, преку таканаречената регулатива за Западен Балкан, во Германија годишно имаа шанса да дојдат 25.000 работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Сега квотата е двојно зголемена - на 50.000 годишно.

Извор: dw.com.mk
Фото: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот