Здружението на германски угостители се пожали на недостаток од персонал по укинувањето на пандемиските мерки и повторното отворање на хотелите и рестораните, а сојузниот завод за вработување објави податок дека во угостителството сега работат 14 отсто помалку луѓе отколку пред пандемијата.
-Голем број хотели и ресторани се жалат дека им недостига персонал - истакна Ингрид Хартгес, директорка на ДЕХОГА, здружение на германските хотелиери и угостители.
Најголем недостиг има од готвачи, сезонски работници од странство и студенти.
Хартгес објасни дека голем број помошен персонал, особено студенти, за време на затворањата поради пандемијата си нашле друга работа.
-Оние кои некогаш работеа како келнери преминаа, на пример, во логистичкиот дел, кој процвета за време на пандемијата - истакна Хартгес.
Таа додаде дека голем број на сезонски работници од странство, кои работеле во германските ресторани и хотели, заминале во Австрија и Швајцарија, каде хотелите и рестораните беа отворени пред тоа да се направи во Германија. Според Ингрид, тоа се однесува и на германските сезонски работници.
Таа додаде дека на браншата и на работниците им е потребна перспектива и побара и даночно растеретување на сопствениците на хотели и ресторани, што би ги зголемило платите и би привлекло доволно работници.
Квалификуван готвач во Баден-Виртемберг, една од побогатите сојузни покраини, просечно месечно заработува околу 2.200 евра бруто.
Според податоците на сојузната канцеларија за вработување, во хотелиерството и гастрономијата моментално работат 154.000 лица, што е за 14 отсто помалку отколку во 2019 година.
Извор:
Buka
Насловна фотографија: Freepik