X
 27.03.2018 Образование

Конференција за млади за Западен Балкан

bc

 

Како клучен подготвителен настан за претстојниот Самит за Западен Балкан во Лондон, закажан за јули 2018 година и како поддршка на нашата агенда за градење на посилни општества, Британскиот совет во соработка со Регионалната младинска канцеларија за соработка (РМКС) ја организира Конференцијата за млади за Западен Балкан во Приштина на 26-27 март 2018 година. Преку низа панел дискусии, презентации и работни групи, младите и младинските организации во регионот се поканети да подготват препораки и пораки за политиките што ќе им бидат презентираните на владите во Западен Балкан.

 

Конференцијата ќе се фокусира на тоа како најдобро да се поддржат младите и младинските организации во овој регион. Таа претставува можност за споделување на најдобри практики и за размислувања за младинските политики со акцент на заедничка дискусија за тоа на кој начин младите граѓани во регионот ќе се вклучат во берлинскиот процес како дизајнери и надгледувачи на политики како и нивни корисници. Еве што изјави за конференцијата и за нејзиното значење за берлинскиот процес, Клер Сирс, директорка на Британски совет за Западен Балкан: „Ни причинува задоволство што ја создадовме оваа платформа за да се слушнат толку многу млади гласови од регионот и да придонесат кон агендата за Самитот за Западен Балкан“.

 

Меѓу другите, на конференцијата ќе се обратат Амбасадорот во Приштина Рори О’Конел, директорката на Британски совет за Западен Балкан Клер Сирс, заменик директорот на Одделот за Западен Балкан при британското Министерство за надворешни работи Питер Бејнбриџ и генералниот секретар на РМКС, Ѓуро Блануша.

 

Учесниците, речиси 100, ќе бидат претежно млади и младински организации од целиот Западен Балкан. Ќе им се приклучат претставници на регионални организации и иницијативи, како и од клучни меѓународни развојни агенции и партнери кои работат за и со младите во регионот.

 

bc

 

Дел од очекуваните резултати од младинската конференција се следните:

 

• Да се чуе гласот на младите од различни извори – најновите младински истражувања и анализи на младинските политики, најсвежите искуства со работа на младите во локалните заедници и, најважно, од младите кои учествуваат на конференцијата.
• Искажување на јасни пораки што ќе влијаат врз младинските политики и одлуките што се носат во име на младите од институциите, организациите и иницијативите кои работат со и за младите.
• Да се постигне заемно разбирање за тоа како да се решат клучните предизвици и приоритети заедно, како да се намали јазот меѓу политиките и праксата и како да се обезбедат ефективни механизми за да се чуе гласот на младите.

 

Историја на проектот

 

Конференцијата е дел од програмата „Активни граѓани“ , која е поддршка за Самитот за Западен Балкан во јули 2018 година како дел од Берлинскиот процес. Некои од главните теми на Берлинскиот процес досега се фокусираа на зајакнување на граѓанското општество, на безбедноста и оснажување на младите. Финансирана од Владата на Обединетото Кралство и спроведена од Британски совет, „Активни граѓани“ имаше за цел да ги обучи учесниците со вештини и знаења потребни да извршат социјални промени во нивните заедници и да поттикне вклученост и поддршка од сите чинители – носители на политики, граѓанските здруженија, заедниците и медиумите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование