X
 19.03.2024 Наша тема

ФИНКИ 13 години одржува настава во 8 објекти и бара Владата да го исполни повеќепати даденото ветување

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) уште од своето формирање се соочува со просторни проблеми. Ненаоѓањето решение од надлежните институции и Владата особено лошо се одразува врз квалитетот на одржување на наставата, а го спречува и соодветниот развој на факултетот. Изградбата на објектот кој беше наменет за ФИНКИ долго време е стопирана, не се презема ништо за нејзино повторно активирање. Владата не одвои буџет ниту во тековната 2024 година и Управата на факултетот постојано прави напори за изнаоѓање привремено решение за ФИНКИ да функционира нормално.

Наставата на ФИНКИ се одржува во 8 различни објекти

- Својата наставна дејност факултетот ја спроведува во просториите на четири факултети, три во техничкиот кампус, и Педагошкиот факултет. Притоа наставата се одржува во 8 различни објекти. Сите простории во кои се одржува наставата на ФИНКИ се адаптирани и реновирани во изминатите 13 години од страна на Факултетот со сопствени средства. За жал, поради споделувањето заеднички простории со другите факултети, наставата на ФИНКИ се одвива од 8 до 21 часот. Со самото тоа, организацијата на наставниот процес, како и товарот кој паѓа на студентите и наставниците е многу голем. Факултетот изминатите две години ги интензивира напорите за надминување на просторниот проблем на факултетот. Уште од самото формирање на новата управа на факултетот се остварија средби со Владата и МОН во насока на надминување на просторните проблеми. Притоа ФИНКИ дефинира краткорочна и долгорочна стратегија за надминување на проблемот. Краткорочната стратегија е обезбедување и адаптација на постојни објекти во Техничкиот кампус, што делумно го реализира со адаптација на простор на Машинскиот факултет, но сѐ уште се чека на обезбедување дополнителен простор кој го узурпира Бирото за развој на образование. Во насока на долгорочно надминување на проблемот, од Владата ни беа понудени неколку можности на веќе постојни објекти, во насока истите да се адаптираат за потребите на Факултетот. Помина речиси една година во анализа на можностите, пред сѐ, во насока на соодветноста на предложените простории, но за жал ниту една не беше соодветна за потребите и дејноста на Факултетот - објаснува деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски.

Реализација на нивното барање за краткорочно решавање на нивните проблеми со ослободување на просторот кој го узурпира Бирото за развој на образование (БРО) првично било закочено во МОН.

- Изговорите беа дека МОН не е надлежно да управува со орган во состав, и фактот дека вработените во БРО не сакале да се преселат во нов простор, кој во тој момент беше обезбеден од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) во објектот на МРТВ. Притоа МОН ја префрлаше топката кон Владата, но за тоа никогаш не го испрати нашето барање сѐ до јануари 2024, осум месеци откако истото беше доставено од ФИНКИ и УКИМ до МОН. Но и по неговото проследување, точката беше одложена, па повлечена како нецелосна, пред сѐ бидејќи во точката не стоеше информацијата каде да се пресели БРО. Во меѓувреме, објектот на МРТВ е исполнет со други институции, а ниту МОН ниту Владата не прави напори да се пронајде слободен простор во имот во државна сопственост. Сите можности и идеи за слободен простор постојано беа на наша иницијатива. Од тие причини и нашите барања се проблемот да не се надминува интегрално, туку да се постапува раздвоено, т.е. објектот кој е во сопственост на државата да се додели веднаш на ФИНКИ, а во рок од три месеци да се пресели БРО - категоричен е деканот Јакимовски.



13 години во потрага по дом

Изминатите 13 години ФИНКИ е во потрага по сопствен дом.

- Во меѓувреме пораснавме во најголем факултет во државата, поголем од повеќето универзитети, како во број на студенти така и во број на вработени, научна активност и достигнувања. ФИНКИ е бренд кој се препознава и е синоним за квалитетно образование и капацитет во информатичките науки и компјутерското инженерство. За жал, издвојувањата на државата во поддршка на ФИНКИ во однос на другите високообразовни институции се несразмерни. По ковид-кризата значително е влошена состојбата со просторните услови. Од тие причини максимално се искористени тековно расположливите капацитети во Техничкиот кампус, но истите остануваат претесни и голем товар за факултетот и студентите - објаснува Јакимовски.

Барањето на ФИНКИ е Владата да донесе одлука уште на денешната седница да се исполни ветувањето што го дала во повеќе наврати минатите месеци.

- Дополнително, да се продолжат напорите за изнаоѓање долгорочно решение за Факултетот кое го гледаме во обезбедување модерен објект, кој ќе има соодветен капацитет за остварување на наставниот процес и научноистражувачката работа на Факултетот. Во таа насока, изминатиот период претставници на Факултетот посочија неколку можни трајни решенија за факултетот. Едно од нив, според нас најпрактично и најбрзо решение, е откуп на објектот на „Рамстор“ во центарот на градот и негова преадаптација во објект за високо образование. Втора опција е изградба на нов објект во техничкиот кампус, нешто што ќе одземе повеќе години. За жал, сѐ уште нема напредок во насока на трајното решение - подвлекува Јакимовски.
Подготвил: Сања Јачевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема