Карциномот на панкреасот е многу агресивен и прогнозите за заболените се многу лоши. Сепак, научниците успеаја да дојдат до откритие според кое лековите што се користат за лекување шизофренија можат да ги спречат растот и ширењето на туморот на панкреасот.
Рецепторот за невротрансмитерот допамин поддржува раст и ширење на карциномот на панкреасот, а лековите за шизофренија дејствуваат така што го блокираат овој рецептор, забавувајќи ги растот и метастазата на туморот кај глувците, покажуваат истражувањата на Универзитетот „Мекгил“ и на германскиот Центар за истражување на ракот.
- Процентот на петгодишното преживување на заболените од карцином е околу 63 отсто, но за заболените од карцином на панкреас тој процент е само пет отсто и бројот е непроменет веќе три децении - вели Јасер Ријазалхосеини од „Мекгил“.
Јорг Хоајсел, кој ја водел студијата заедно со Ријазалхосеини, објаснува дека проблемот со туморот на панкреасот е во тоа што тој не покажува знаци и симптоми долго време и затоа многу доцна се дијагностицира. Дополнително, биологијата на овој тумор е агресивна и тој многу рано почнува да метастазира. За работите да бидат уште полоши, овој карцином брзо развива резистентност на достапните лекови за хемотерапија.
- Утврдивме дека генот за допамин рецепторот ДРД2 е значително поактивен во клетките на ракот отколку во здравите клетки на панкреасот. Исто така, нивото на ДРД2 протеин најден во клетките на ракот беше четири пати над нормалата - објаснува Ријазалхосеини.
Фото: Telegram
Со исклучувањето на овој ген научниците забележале дека растот на туморот се намалил и дека се формираат многу помалку тумори. ДРД2 е клучна молекула кај шизофренијата и е цел на многубројни психофармаколошки активни супстанции.
Лекот што ја блокира функцијата на ДРД2 е достапен уште од 50-тите години на минатиот век. Со користењето на овие супстанции на научниците им успеало да ги забават растот и ширењето на клетките на туморот.
- Фактот што покажавме дека постојните лекови што влијаат врз ДРД2 даваат ветувачки резултати во лекувањето на карциномот на панкреасот го отвора патот за брзо преминување на клинички испитувања - истакнаа
авторите.