X
 04.10.2018 Образование

Учениците од Аеродром немале намера никого да повредат, констатира Државниот просветен инспекторат


Државниот просветен инспекторат констатирал дека учесниците во настанот што се случи во петокот во Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во ниту еден момент немале намера некого да повредат, соопшти Општина Аеродром.
Оттаму известуваат дека на директорот и на стручната служба им е укажано да продолжат со организирање едукативни предавања и работилници за безбедно однесување на учениците.

- На раководството, исто така, му е укажано да преземе мерки за утврдување работни должности на наставниот кадар во однос на дежурства и активности што се реализираат на одделенски час. Изречени се педагошки мерки за несоодветно однесување на учениците, одржани се одделенски совет и вонредна родителска средба. Исто така, психологот на училиштето ќе организира советување за учениците и родителите – пишува во соопштението на Општината.

Македонската јавност ја потресе веста дека ученици фрлиле од прозорец на приземје соученичка во Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“, по што девојчето завршило со повреди на грбот.

Класниот раководител Марјан Јовановски за Факултети.мк, изјави дека учениците не го направиле тоа при кавга, дека не станува збор за врсничко насилство, туку дека си играле неумесна игра.

- Буквално се случило „од играчка - плачка“. Станува збор за одделение од 31 ученик со одличен успех и примерно поведение. Класот е прекрасен и сите се дружат. Децата веќе две недели ја играле оваа игра. Носеле ученик до прозорец и тој сам скокал преку рамката во дворот. Овој пат играта тргнала на лошо - девојчето не успеало да се задржи на нозе. Има снимки, ги видовме, учениците се смеат додека ја играат играта. Никој насилно не фрлил никого од прозорец – ни изјави класниот раководител.

За случајот јавноста дозна откако родител пријави во полициската станица во Аеродром.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование