Со нова одлука на Министерството за образование и наука, која следува по барање на Сојузот на средношколци, учебната 2023/2024 година за средношколците ќе заврши на 10 наместо на 17 јуни како што беше претходно предвидено со календарот за организација на наставата.
За основците останува одредбата да учат до 17 јуни, а и едните и другите ќе имаат пролетен распуст од 29 април до 6 мај 2024.
МОН ќе треба дополнително да донесе одлука и како ќе се надоместат двата неработни дена за учениците поради одржување на изборите во среда, 24 април, и во среда, 8 мај, и дали тоа ќе влијае врз рокот за завршување на учебната година. Ресорниот министер денеска рече дека кога ќе има одлука на Владата, јавноста ќе биде известена.
- Во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови во основното образование. Во Законот за средно образование не е одредена таа законска обврска за точен број работни денови. Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара освен пролетниот распуст, поради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни, тоа го дозволуваше законот и ние тука постапивме - рече Шаќири денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Посочи дека ќе се разгледа во Влада и прашањето за неработните денови заради изборите.
- Ќе треба да се разгледа како може да се постапи за тие два дена кои се предвидени во календарот на вкупен број денови годишно за реализација на наставата. Ќе известиме навремено кога ќе има владина одлука за тоа - рече Шаќири.
Учениците во основните и средните училишта се уште два дена на распуст и на настава ќе се вратат в понеделник, 22 јануари, за второто полугодие од учебната 2023/2024 година.
Извор: МИА