X
 04.11.2017 Живот

Едноставен трик како да го натерате детето да се тргне од екранот

Ако постојано се расправате со вашите деца за компјутерот, телевизорот, таблетот или паметниот телефон, можеби ќе ви помогне советот на една мајка.

Имено, наместо да ги предупредувате, да им се заканувате, да им ги одземате уредите од раката, Анита Лиман препорачува да „изградите мост“ со вашето дете и на тој начин да го вовлечете во реалниот свет на суптилен, но доста ефикасен начин.

„Кога и да одлучите дека е време детето да прекине со гледање во екранот, издвојте малку време и седнете покрај детето, обидувајќи се да влезете во неговиот свет. Гледајте телевизија со него или седнете покрај компјутер. Не мора долго, доволно е една минута. Само учествувајте во неговото искуство. А потоа поставете му прашање што прави“, вели таа.

„Што гледаш?“ може да биде сосема доволно за некои деца, додека на други деца треба да им се постават поконкретни прашања. „На кое ниво си сега?“ или „Која е оваа смешна фигура во заднината?“

Сите деца сакаат кога нивните родители се интересираат за нивниот свет. Ако се премногу навлезени во она што го прават и не реагираат, не откажувајте се. Поседете уште малку, па прашајте уште нешто.

Откако детето ќе започне да одговара на вашите прашања и да ви раскажува што видело или направило во виртуелниот свет, тоа значи дека почнало да излегува од зоната на отуѓеност и се враќа во реалниот свет. Со тоа, вие изградивте мост и започнавте да комуницирате.

Сега полека можете да разговарате за тоа дека е време за јадење или капење или дека дојде време да престане со игрите. Поради тоа што претходно се поврзавте, детето ќе ве слушне и ќе ве послуша. Вниманието што му го посветивте му е помило од екранот во кој гледало.

„Мене самата свест за тоа што се случува во главата на детето многу ми помага да ја контролирам неговата употреба на уредите. Не оди секогаш лесно, но откако го применувам овој трик, немавме ниту една побуна“, вели Анита.

Кога сакате детето да престане да зјапа во екранот, направете го следното:

- Седнете покрај него на една минута и набљудувајте го што прави.
- Поставете прашање за тоа што се случува на екранот. Децата сакаат кога ќе покажете интерес и со задоволство ќе ви одговори.
- Откако ќе почнете да разговарате, вие создадовте мост и детето полека излегува од виртуелниот и влегува во реалниот свет.
- Уживајте во заедничкото време.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот